Специјалното обвинителство поднело 33 обвиненија за воени злосторства на Косово

Палата на правдата во Приштина, архивска фотографија.

Специјалното обвинителство на Република Косово соопшти дека досега поднело вкупно 33 обвиненија, против 89 лица, за воени злосторства на Косово.

„Ниту една националност, било да е српска, албанска, бошњачка, црногорска, не се истакнува на кој било начин. Правдата ќе ја направиме еднаква за сите. Имаме и случаи на кои им даваме приоритет, меѓу нив беа затворот Дубрава, Меја … Но, приоритет е и убиството на српски новинар, кое интензивно го истражуваме“, рече главниот обвинител Блерим Исуфај на прес-конференција на 8 декември во Приштина.

Исуфај како некои од проблемите во работата ги наведува малиот број обвинители и недостатокот на соработка на Србија во гонењето на случаите со воени злосторства.

Обвинителството на оваа конференција изнесе детали за масакрот во селото Меја кај Ѓаковица и оној во затворот Дубрава, кај градот Исток на Косово.

Видете и ова: Специјалниот суд во Косово го уапси ексградоначалникот на Малишево

Според обвинителката Дрита Хајдари, случајот од Меја е наследен од Мисијата на Европската унија за владеење на правото на Косово – ЕУЛЕКС, која отвори истрага против 18 лица во 2013 година.

Таа посочи дека со преземањето на случајот на крајот на 2018 година, локалните обвинители ја продолжиле истрагата, проширувајќи ја на уште 35 лица, со што вкупниот број обвинети во овој случај се зголеми на 53.

Во врска со масакрот во Дубрава, за кој судењето почна на 7 декември во Приштина, обвинителот Илир Морина рече дека во овој предмет, додека истрагата продолжува, има 88 обвинети. А овој случај, како што рече, е наследен од Еулекс.

Морина наведе дека само еден обвинет е во притвор, додека за останатите истрагата продолжува.

„Три групи вклучени во масакрот во Меја“

Дрита Хајдари од Одделот за воени злосторства на Специјалното обвинителство на Косово изјави дека во првиот дел од случајот за масакрот во селото Меја биле вклучени пет лица кои, според обвинителството, го планирале масакрот.

Хајдари изјави дека има уште единаесет лица од втората група, кои според обвинителството во соработка со првата група го реализирале планот за масакрот. Таа рече дека третата група од 37 обвинети ја сочинуваат „директни извршители кои го извршиле масакрот или на друг начин придонеле“.

„Истрагата утврди дека во периодот од 27 до 29 април 1999 година била спроведена заедничка и добро организирана систематска операција на Југословенската армија и Министерството за внатрешни работи (МВР) на Србија, со соучесништво на паравоена група, во која имало 370 цивили, кои не учествувале во борбите за време на убиството.Жртвите биле од село во регионот на Река е Кеќе (меѓу Ѓаковица и Јуник – област во близина на границата со Албанија)“, изјави Хајдари.

Видете и ова: Апсења за воени злосторства во Косово, Србија вели дека се „политички мотивирани“

Таа, меѓу другото, рече дека операцијата вклучувала иселување цивили и палење на нивните куќи.

Телата на убиените беа погребани во Брекоч во Ѓаковица, а подоцна беа ексхумирани и пренесени во масовните гробници во Батајница, Србија, за да се скријат злосторствата, рече Хајдари.

„Истрагата за масакрот во Дубрава продолжува“

Судското испитување на случајот со масакрот во Дубрава започна на 7 декември во Приштина.

Обвинителот Илир Морина рече дека во истрагата има 88 обвинети и дека „оваа истрага трае подолго време бидејќи е предмет наследен од мисијата на ЕУЛЕКС“. Само еден обвинет е во притвор.

Морина рече дека истрагата за останатите обвинети продолжува и оти, според него, со ова обвинение не завршува случајот со масакрот во Дубрава.

„Прибираме докази и кога ќе бидеме подготвени согласно законските услови дефинирани со Законот за кривична постапка, ќе постапиме и против останатите обвинети“, рече тој.

Од 19 до 24 мај 1999 година во затворот Дубрава беа убиени 160 албански затвореници, а повеќе од 300 беа ранети. Овој масакр траеше неколку дена.

Масакрот во затворот Дубрава политичките претставници во Косово го опишаа како едно од најмонструозните злосторства.

Се верува дека повеќе од 13. 00 цивили биле убиени во војната во Косово во периодот 1998-1999 година, додека илјадници други исчезнале. До денес, повеќе од 1 600 лица се водат како исчезнати – главно Албанци.