Бројот на жени со високо образование е поголем во однос на мажите, но сепак мажите се побројни и како избрани и именувани функционери, и на раководни места, покажуваат посебните извештаи на Народниот правобранител за соодветна правична и полова застапеност, што беа презентирани денеска (7 декември).
На пример, од вкупниот број вработени во јавниот сектор, 30,43 отсто се жени со високо образование, додека мажите во оваа категорија се 20,75 отсто.
Генерално, бројот на вработувања во јавниот сектор лани е намален во однос на 2021 година за 3722 места.
Од друга страна, ако се погледнат статистиките за избрани и именувани функционери може да се види дека мажи на овие функции се 56,90 отсто, додека жените се застапени со 43,80 отсто. Машкиот пол е позастапен и на раководни работи места со 52 отсто, додека жените на раководни позиции се застапени со 48 отсто (4 551 лице).
Видете и ова: Жените далеку од позициите каде што се одлучува„Во насока на постигнување на задоволителен степен на застапеност меѓу половите, Народниот правобранител ги повикува сите надлежни служби да обратат внимание на половиот аспект, особено на општествено одговорното буџетирање со акцент на родовото буџетирање, како и во насока на донесување на стратешки документи на ниво на секој субјект со кој ќе се подобри состојбата на полова застапеност во јавниот сектор“, порача омбудсманот Насер Зибери.
Кога е во прашање соодветната и правична застапеност во однос на етничките заедници, Зибери забележа дека мал е бројот на институции кои лани имале солиден учинок во остварување на ова начело. На сметка на ова, поголем е бројот на оние кои не ги задоволуваат законски пропишаните норми и отстапуваат од правилата.
Видете и ова: Роднинско партиски вработувања со спорни критериуми„Карактеристично за овие институции е дека имаат вработено лица само од мнозинската, а кај некои и од втората по големина етничка заедница, и немаат вработено лица од помалите заедници, или пак, имаат вработено само мал број, при што не постои одредена процентуална застапеност посебно во раководниот кадар на помалите заедници“, констатира Зибери.
Генерално, во 2022 година бројот на вработени во јавниот сектор од македонската етничка заедница се намалил за 0,9 отсто и изнесува 71 отсто. Албанската заедница, пак, била застапена во јавниот сектор со 21,4 отсто што е зголемување за 0,8 во споредба со 2021 година. Турската била застапена со 2,1, српската со 1,4, ромската со 1,3, влашката со 0,6, бошњачката со 0,5 отсто, додека припадниците на останати заедници кои не се споменати во преамбулата од Уставот биле застапени со 0,7 отсто.