Јапонскиот премиер Фумио Кишида на 6 декември телефонски му рекол на својот израелски колега Бенјамин Нетанјаху дека е важно да се минимизираат цивилните жртви во конфликтот со Хамас, соопшти јапонската влада, пренесе Ројтерс.
„Премиерот Кишида изјави дека треба да се избегне натамошно зголемување на бројот на цивилни жртви и дека е важно брзо да се смири ситуацијата, да се минимизираат цивилните жртви и да се почитува меѓународното право, вклучително и меѓународното хуманитарно право“, соопшти Министерството за надворешни работи во изјавата.
Како одговор, Нетанјаху ја изложи позицијата на Израел за воената операција во Газа, се вели во соопштението, без да се наведат детали.
Видете и ова: ОН - Палестинците во Газа живеат во „апсолутен продлабочен терор“Израел во вторникот на 5 декември соопшти дека неговите војници стигнале до „срцето на Кан Јунис“ - најголемиот град на југот - во „најинтензивниот“ ден на борби во неговата копнена операција.
Израел верува дека лидерите на Хамас можеби се кријат во градот - при што израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху инсистираше на тоа дека единствениот начин да се победи војната е со „уништувачка сила“.
Во нападот на Хамас врз јужен Израел на 7 октомври загинаа 1.200 луѓе, а околу 240 беа земени како заложници.
Оттогаш, Министерството за здравство на Газа, кое го води Хамас, вели дека повеќе од 15.800 луѓе се убиени во кампањата на Израел за одмазда, вклучувајќи и околу 6.000 деца