Израелската војска соопшти дека пронашла големо количество оружје во Газа

(Фото архива) - Палестинци бегаат во северна Газа додека израелските тенкови го блокираат патот Салах ал-Дин во централниот дел на Појасот Газа на 24 ноември 2023 година

Израелската војска на 6 декември соопшти дека пронашла големо складиште за оружје „во срцето на цивилното население“ во Газа и запленила или уништила проектили, гранати, беспилотни летала и друго оружје.

„Едно од најголемите складишта на оружје во Појасот Газа е пронајдено во близина на клиника и училиште“ на северот, се вели во соопштението што го пренесе АФП.

„Магацинот содржеше стотици РПГ пректили (за рачни ракетни фрлачи) од различни типови, десетици противтенковски ракети, експлозивни направи, ракети со долг дострел насочени кон централен Израел, гранати и беспилотни летала. Некои беа уништени на лице место, а некои беа испратени на понатамошна истрага, “, се вели во соопштението.

Во соопштението во средата, војската го нарече откривањето на складиштето со оружје „дополнителен доказ за циничното користење на жителите на Газа од страна на Хамас како жив штит“.

Видете и ова:

ОН - Палестинците во Газа живеат во „апсолутен продлабочен терор“

Израел во вторникот на 5 декември соопшти дека неговите војници стигнале до „срцето на Кан Јунис“ - најголемиот град на југот - во „најинтензивниот“ ден на борби во неговата копнена операција.

Израел верува дека лидерите на Хамас можеби се кријат во градот - при што израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху инсистираше на тоа дека единствениот начин да се победи војната е со „уништувачка сила“.

Во нападот на Хамас врз јужен Израел на 7 октомври загинаа 1.200 луѓе, а околу 240 беа земени како заложници.

Оттогаш, Министерството за здравство на Газа, кое го води Хамас, вели дека повеќе од 15.800 луѓе се убиени во кампањата на Израел за одмазда, вклучувајќи и околу 6.000 деца