Орбан планира в четврток да се сретне со Макрон и да разговараат за Украина

Францускиот претседател Емануел Макрон (лево) се ракува со унгарскиот премиер Виктор Орбан (десно) по обраќањето на заедничка прес-конференција во Будимпешта во декември 2021

Унгарскиот премиер Виктор Орбан планира да се сретне со францускиот претседател Емануел Макрон во четврток (7 декември) во Париз, објави шефот на прес-службата на Орбан, во пресрет на самитот на Европската унија(ЕУ) на кој разговорите за пристапување на Украина во блокот и финансиската помош за Киев ќе наидат на отпор од Орбан.

Во понеделникот (4.12.2023) Орбан побара лидерскиот самит да избегне донесување каква било одлука за давање зелено светло на Украина за преговори за членство и да избегне одлучување за буџетскиот план кој вклучува 50 милијарди евра економска помош за Киев.

Видете и ова: Орбан вели дека влегувањето на Украина во ЕУ во овој момент не е во интерес на Унгарија


Орбан, кој ги одржуваше врските со Москва дури и кога ЕУ воведе санкции кон Русија поради нејзината војна во Украина, е во судир со извршната власт на ЕУ.

Пред неколку дена (1.12) Орбан изјави дека отворањето на преговорите за влез на Украина во Европската Унија, моментално не е во интерес на Будимпешта, како и дека наместо тоа, Унијата треба да се определи за „стратешко партнерство“ со земјата зафатена од војна.

Орбан и неговата влада постојано упатуваа критики против тоа што блокот ѝ дава воена помош на Украина „за да се бори против неиспровоцираната агресија на Русија“, тврдејќи дека таквата помош само ќе ја продолжи војната.