Си и Лукашенко го поздравија зајакнувањето на билатералните односи

Александар Лукашенко и Си Џинпинг во Пекинг, 4 декември 2023 година

Кинескиот претседател Си Џинпинг и неговиот белоруски колега Александар Лукашенко во понеделникот (4 декември) го поздравија зајакнувањето на билатералните односи, по повод втората посета на белорускиот лидер на Кина во оваа година.

Лукашенко, верен сојузник на Русија, кој е отфрлен од повеќето западни земји поради неговиот авторитаризам, во неделата пристигна во Кина во посета која ќе трае најмалку два дена, пишува Франс прес.

Тој оваа година ја посетува Кина по втор пат, по патувањето во февруари, додека неговиот близок сојузник Русија, ангажирана во војната во Украина, исто така негува врски со Пекинг.

„Белорусија е, беше и ќе биде сигурен партнер за Кина“, му рекол Лукашенко на Си Џинпинг, соопшти кабинетот на белорускиот претседател.

„Одамна решивме дека ќе соработуваме и ќе бидеме пријатели со Кина. Тоа пријателство е старо повеќе од 30 години и никогаш не скршнало од тој пат“, додаде Лукашенко.

Кинескиот претседател рече дека меѓусебната политичка доверба и меѓународната соработка меѓу двете земји се зајакнати по посетата на Лукашенко во февруари, пренесува кинеската државна телевизија CCTV.

„Кина цврсто ја поддржува Белорусија во нејзиниот стремеж за развој во согласност со нејзините национални услови и се спротивставува на мешањето на надворешни сили во внатрешните работи“ на земјата, рече Си, додавајќи дека Пекинг сака „да ја зајакне стратешката соработка“ со Минск и „да промовира прагматична соработка“.

Пекинг јавно не ја осуди руската инвазија на Украина и покрај притисокот од САД и другите западни земји.