Силен земјотрес на Филипините - еден загинат, паника и предупредување за цунами

Луѓе се собираат во центар за евакуација, како последица на земјотрес, во Хинатуан, Суригао дел Сур, Филипини, 2 декември 2023 година.

Силен земјотрес што го погоди јужниот дел на Филипините уби најмалку еден селанец, а повредени се неколку други.

Како што јавува АП, од земјотресот илјадници во паника излегле од своите домови и ги заглавиле патиштата кон повисоките места по издаденото предупредување за цунами, соопштија властите на 3 декември.

Американскиот геолошки институт објави дека земјотресот во саботата вечерта бил со јачина од 7,6 степени и се случил на длабочина од 32 километри.

Видете и ова: Четворица загинати во бомбашки напад на Филипините

Пацифичкиот центар за предупредување од цунами соопшти дека очекува бранови од цунами да ги погодат јужните делови на Филипините и делови од Индонезија, Палау и Малезија, но подоцна го отфрли предупредувањето за цунами.

Геолошкиот институт на САД регистрираше дополнителен земјотрес во неделата со јачина од 6,6 степени, источно од општината Хинуатан и на длабочина од 56 километри, но немаше предупредување за цунами.

Филипинската сеизмолошка агенција го опиша како последователен потрес.