Затворениот критичар на Кремљ, Кара-Мурза, казнет поради непочитување на законот за „странски агенти“

Руски опозициски критичар Владимир Кара-Мурза (илустративна фотографија)

Судот во Москва на 1 декември го казни затворениот руски опозиционер Владимир Кара-Мурза за „прекршување на законот за странски агенти“, бидејќи додека бил во затвор не поднесувал извештаи на секои три месеци до Министерството за правда за своите активности поради тоа што тој се смета за „странски агент“

Окружниот суд му нареди на Кара-Мурза да плати 50.000 рубли (560 долари) затоа што не поднесувал извештаи до Министерството за правда.

Адвокатката на Кара-Мурза, Ана Ставицкаја, за радио станицата „Бизнис ФМ“ изјави дека во однос на тоа што неговиот клиент отслужува 25-годишна казна во сибирска казнена колонија, тој не бил во можност да поднесува таков извештај до ресорното Министерство.

Ставицкаја додаде дека нејзиниот клиент, кој учествуваше на сослушувањето преку видео-врска, рекол дека нема да поднесе никакви пријави, како и дека не би го направил тоа дури и да не е затворен, бидејќи смета дека законот за „странски агенти“ е во „противречност“ со уставот.

Истиот ден, Илја Јашин, друг затворен опозициски политичар, беше казнет со 45.000 рубљи (505 долари) од окружниот суд Бабушкински, бидејќи пет извештаи на неговиот канал на „Јутјуб“ биле објавени без ознаката „странски агент“.

Видете и ова:

Русија го осуди новинарот и критичар на Кремљ, Кара-Мурза, на 25 години затвор

Извештаите за рускиот претседател Владимир Путин беа објавени на „Јутјуб“ дури откако Јашин веќе беше однесен во притвор. Каналот на „Јутјуб“ е модериран од соработниците на Јашин.

Јашин, кој учествуваше на сослушувањето преку видео врска, рече дека одлуката на судот „нема значење“, бидејќи, како што истакна „етикетата „странски агент“ нема да му биде залепена и покрај напорите на пропагандата“.

„Никој нема да може да ме исплаши. Уште поважно пак, никој нема да може да ја скрши мојата верба во Русија и нејзиниот народ“, рече Јашин.

Од 2012 година, Русија ги користи своите таканаречени закони за „странски агенти“ за етикирање и казнување на критичарите на владините политики. Исто така, овој закон сѐ повеќе се користи и за затворање на граѓанското општество и медиумските групи во Русија откако Кремљ ја започна својата целосна инвазија на Украина.

Законот за „странски агенти“ им дозволува на властите да ги етикетираат непрофитните организации и поединци како „странски агенти“ доколку добиваат средства од странство и се ангажирани во политички активности.

Видете и ова:

Руските опозиционери зад решетки најавуваат еднодневен штрајк со глад

Кара-Мурза (42) првично беше уапсена во април 2022 година, откако се врати во Русија од странство и беше обвинет за непослушност кон полициски службеник.

Подоцна, тој беше обвинет за дискредитација на руската војска, обвинение што произлегува од руската инвазија на Украина во 2022 година и обидот на Кремљ да ги елиминира критиките на оваа тема. Потоа пак, тој беше дополнително обвинет за предавство поради забелешките што ги дал во говорите надвор од Русија во кои ја критикуваше политиката на Кремљ.

Во април годинава, Кара-Мурза беше прогласен за виновен по сите обвиненија и осуден на 25 години затвор.