Пресудата е неоснована, јас само спроведов умисла на Владата која беше предложена од вицепремиер Фатмир Битиќи. Ова го изјави на 1 декември поранешниот генерален секретар на Владата, Мухамед Зеќири по објавувањето на пресудата за злоупотреба на службена должност. Тој денеска беше осуден на две и пол години затвор поради договори во четири очи со фирмата „Интерхолдинг дуо“ за консултантски услуги.
„Кога се задолжува генерален секретар за нешто експлицитно се наведува кога е во прашање спроведување на јавна набавка, во овој случај тоа не беше. Па и советниците правни во Владата не се спротивставија, не бев јас тој што ги гледа договорите, си има правни стручњаци во Владата кои ги што во ниту еден момент не ми укажаа дека јас не треба да ги потпишам тоа“ изјави Зеќири.
Според обвинението Зеќири без да спроведе јавна набавка, директно склучувал договори со правни лица кои работеле под сомнителни околности. Станува збор за јавна набавка за физибилити студија во врска со македонски пошти и Железници Транспорт.
Видете и ова:
Зеќири осуден на две и пол години затворТој беше обвинет дека во периодот од април 2021 до јануари 2022 година во својство на генерален секретар на Владата, без да спроведе јавна набавка, склучил договори за консултантски услуги во вкупна вредност од речиси еден милион евра, односно биле платени 147.000 евра повеќе од претходно договорените 795.000.
Обвинителката Катерина Коларевиќ во своите завршни зборови истакна дека обвинетиот наместо да спроведе постапка за јавна набавка, тој склучил директно договор фирмата „Интерхолдинг дуо“, која е основана само 12 дена пред донесувањето на конкретниот заклучок на Владата.
„ Од сите докази очигледно е дека од постоењето на правното лице обавува само една единствена соработка со секретаријатот на Владата, седиштето на правното лице на ден 13 април 2022 година е најдено заклучено, ниту биле најдени вработени лица. Произлегува дека правното лице единствено било основано заради извршување на договорот склучен со секретаријатот на Владата“, истакна обвинителката.
Со измените на кривичниот законик, судењето почна од почеток, а беше изменето и обвинението со кое за делото „злоупотреба на службена положба и овластување“ во кривичниот законик е предвидено казна една до пет години, за разлика од претходно, кога му се ставаше на товар истиот член под став 5, кој предвидуваше минимална казна затвор од 5 години.