Тринаесет загинати во пожар во хостел во Казахстан

илустрација

Во пожар во хостел во центарот на Алмати, во Казахстан, загинаа 13 лица, соопштија властите во четвртокот.

Полицијата во Алмати соопшти дека девет жртви се државјани на Казахстан, додека другите четворица се странци - двајца руски државјани и двајца државјани на Узбекистан, јави казахстанската служба на РСЕ.

Службата за итна помош соопшти дека во хостелот кој се наоѓал на приземјето и подрумот на трикатницата имало 72 лица, од кои голем дел странци.

Причина за смртта е труење со јаглерод моноксид, соопштија властите и додадоа дека е формирана комисија која ќе ги испита причините за пожарот.

Градоначалникот на Алмати, Ерболат Досаев изјави дека според прописите на Министерството за здравство, забрането е сместување на гости во подруми.

Видете и ова: „Платата е многу подобра“: Илјадници работници од Казахстан на печалба во Јужна Кореја

Одделот за итни случаи на Алмати соопшти дека хостелот, кој наводно бил отворен пред месец и половина, не добил дозвола за работа. Хостелот бил опремен со аларм за пожар кој се вклучил, но зградата ги немала задолжителните противпожарни апарати.

Еден од луѓето кои престојувале во хостелот, Казахстан од јужниот регион Жамбил, го опишал инцидентот за казахстанскиот информативен портал Тенгрињуз.

„Кога избувна пожарот се вклучи алармот, наоколу имаше чад. Сите трчаа во собите за да ги разбудат другите. Сите трчаа на улица, но јас не можев да го видам пожарот. Имаше седум соби на прв кат, по седум луѓе. Таму живееле главно Казахстанци“, рекол човекот.

Алмати, град со 1,8 милиони жители, беше главен град на Казахстан до 1997 година, но останува главен трговски и културен центар на централноазиската земја.