Финска целосно ќе ја затвори границата со Русија

Поглед на граничниот премин Раја-Хосепи во Лапонија во северна Финска

Финскиот премиер Петри Орпо најави дека Финска ќе ја затвори целата своја граница со Русија долга 1.340 километри поради загриженоста за миграциските прашања.

Како што пренесува АП, Орпо ова го соопшти на прес-конференција во вторник на 28 ноември.

Министерката за внатрешни работи на Финска, Мари Рантанен, рече дека источната граница ќе биде официјално затворена ноќта меѓу 29 и 30 ноември и ќе остане затворена до 13 декември.

Финска во моментов има отворен уште еден граничен контролен пункт, лоциран во Арктичкиот круг, откако властите затворија уште седум други во петокот, 24 ноември, поради остриот скок на бројот на мигранти од Блискиот Исток и Африка.

Видете и ова: Финска и Естонија ја обвинуваат Русија дека користи мигрантите како дел од „хибридна војна“

Финска ја обвинува Москва дека ги насочува мигрантите кон нејзината граница, нешто што таа го негира.

Хелсиншки тврди дека руските власти претходно не дозволувале преминување на граѓаните без потребните документи, но без објаснување ја прекинале практиката.

Во последните неколку недели стотици мигранти влегоа во Финска преку Русија и побараа азил, поради што Хелсинки ги затвори граничните премини.