Столтенберг верува дека поддршката на Вашингтон за Украина ќе продолжи и покрај блокадите од Републиканците

Јенс Столтенберг (Генерален секретар на НАТО)

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, рече дека очекува САД да ја продолжат својата поддршка за Украина во нејзината борба да ги одбие инвазивните руски сили и покрај противењето на некои републикански пратеници кои фрлија сомнеж за помошта на Вашингтон кон Киев.

Зборувајќи на состанокот на министрите за надворешни работи на земјите од НАТО, Столтенберг, на 28 ноември, рече дека партнерските земји и обезбедиле на Украина невидено ниво на воена поддршка од почетокот на целосната инвазија на Русија во февруари 2022 година.

„Таа поддршка ѝ овозможи на Украина да им нанесе големи загуби на руските сили, затоа, ние мораме да продолжиме да ги поддржуваме“, изјави Столтенберг.

Коментирајќи за тоа дали САД ќе продолжат со поддршката кон Украина и покрај несогласувањата во Вашингтон, Столтенберг изрази надеж дека помошта од Соединетите Американски Држави која досега надмина 40 милијарди долари, ќе продолжи да се испорачува.

„Уверен сум дека САД ќе продолжат да даваат поддршка, бидејќи тоа е во безбедносен интерес на САД да го сторат тоа. Ова е, исто така, во согласност со она што го договоривме. Тоа е она што сите партнери на НАТО постојано го потврдуваа на нашиот самит во Вилнус, каде што беа присутни сите лидери“, додаде Столтенберг.

Видете и ова: Министрите на НАТО разговараат за ситуацијата во Западен Балкан

Минатиот месец пак, американскиот претседател Џо Бајден го поднесе до Конгресот од претходно најавеното барање за воена помош од над 105 милијарди долари, од кои 61,4 милијарди долари се за воена помош за Украина, како и 14,3 милијарди долари помош за Израел, но ова барање и натаму е блокирано.

Столтенберг, исто така, ги повика останатите партнери да останат посветени на продолжувањето на давање поддршка за Украина, поздравувајќи ја неодамнешната најава за пакети за воена помош од Германија и Холандија во вредност од 10 милијарди евра (11 милијарди долари).

„Предизвикот со кој се соочуваме сега е дека треба да ја продолжиме оваа поддршка“, рече Столтенберг на денешниот состанок, алудирајќи на фактот дека иако линијата на фронтот во Украина не е многу поместена, интензивните борби продолжуваат, како и тоа дека „воената помош од НАТО помогнала да му се даде способност на Киев да изврши длабоки удари на територијата под контрола на Русија“.