Министерството за внатрешни работи информира дека доцна синоќа (26 ноември) во 23.00 часот во ОВР Гостивар било пријавено дека во фабрика за марихуана за медицински цели во атар на с.Чегране, гостиварско, три лица физички нападнале вработен како обезбедување и му одзеле пари и лични предмети, по што со закана со пиштол го затвориле во една просторија.
Според пријавеното, откако крадците си заминале, тој излегол и забележал дека капијата од фабриката била отворена и дека две врати од внатрешниот дел биле искршени.
Во консултација и координација со јавен обвинител, увид извршила екипа од Одделението за внатрешни работи Гостивар и било утврдено дека од внатрешноста на објектот лицата одзеле 41 вреќа со вкупно 552,85 килограми марихуана.
„Имено, на 04.10.2023 од страна на ОКП, по извршена вонредна контрола и претрес со судска наредба, во координација со Комисијата оценување исполнетост на условите во однос на просторот, опремата и кадарот за одгледување на канабис за медицински цели при Министерството за здравство, биле констатирани неправилности во работењето на фабриката. Одземените насади канабис биле предадени на Агенцијата за управување со одземен имот, по што била поднесена кривична пријава против правното и одговорното лице согласно Законот за контрола на опојни дроги и покрената постапка за одземање на лиценцата“, се вели во соопштението на МВР.