Во БиХ е Ден на државноста, се одбележува само во еден ентитет

БиХ: Полагање цвеќе на спомен обележјето во Сараево, по повод Денот на државноста, 25 ноември 2023

Босна и Херцеговина го слави Денот на државноста на 25 ноември, во знак на сеќавање на седницата на Националниот антифашистички совет на народното ослободување на БиХ одржана во 1943 година, за време на Втората светска војна, во градот Мркоњиќ.

Тогаш, меѓу другото, во резолуцијата беше изречена познатата фраза дека Босна и Херцеговина „не е ниту српска, ниту хрватска, ниту муслиманска, туку српска, муслиманска и хрватска“.

Видете и ова: Босански ветерани бараат забрана за одбележување на Денот на Република Српска на 9 јануари

Комеморацијата почна со интонирање на националната химна и подигање на државното знаме на ридот Хум, во близина на Сараево. На церемонијата, меѓу другите, присуствуваа и членовите на Претседателството на БиХ, Жељко Комшиќ и Денис Беќировиќ.

Беќировиќ изјави дека сите граѓани на БиХ „треба да се гордеат со овој голем празник“.

„Порано или подоцна, во цела БиХ мора да надвладеат новите генерации и политичари кои цврсто ќе ја насочат оваа земја во насока на иднината, почитувајќи ги сите големи настани од нашето минато. БиХ има вековен континуитет и сите ние, без разлика на верска, национална или друга припадност, можеме да бидеме горди“, рече Беќировиќ.

Босна и Херцеговина е поделена на два ентитети, на Федерација БиХ и на Република Српска. Република Српска (РС) не го признава Денот на државноста на БиХ. Во ентитетот на Федерацијата БиХ, 25 ноември е неработен, а во ентитетот Република Српска е работен ден.

Видете и ова: Во Федерацијата БиХ се слави Денот на независноста, во РС не

Босна и Херцеговина нема ниту еден закон за празници на државно ниво. Во сила се два ентитетски закони и законот за празници во округот Брчко во БиХ, како посебна територијална единица, кои се разликуваат едни од други.

Во целата земја се слави само Нова година и Меѓународниот ден на трудот (1 мај). Законот за празници на ентитетот Република Српска, меѓу другото, не го признава Денот на државноста на БиХ и властите на тој ентитет не го слават на 25 ноември. Тие сметаат дека БиХ не е создадена на 25 ноември 1943 година, туку на 21 ноември 1995 година, на денот на парафирањето на Дејтонскиот мировен договор, кој е празник во Република Српска.