Бајден: Ослободувањето на заложниците во Газа е само почеток

Американскиот претседател Џо Бајден

Американскиот претседател Џо Бајден на 24 ноември ја пофали американската дипломатија потенцирајќи дека стои зад денешното ослободување на 24 заложници држени од борци на палестинската милитантна група Хамас, велејќи дека тоа е почеток на, како што очекува, дополнително ослободување на заложниците од страна на палестинската милитантна група во наредните денови.

„Почнувајќи од утринава, според договорот постигнат со обемна американска дипломатија, вклучително и бројни повици што ги упатив од Овалната соба до лидерите од целиот регион, борбите во Газа ќе запрат четири дена“, рече Бајден на прес-конференција.

Бајден одби да шпекулира за тоа колку долго ќе трае војната меѓу Израел и Хамас, но рече дека мисли оти шансите за продолжување на тековното примирје се „реални“. Тој, исто така, изрази надеж дека американските државјани кои ги држи Хамас ќе бидат ослободени.

„Не знам колку време ќе потрае“, рече Бајден.

„Моето очекување и надеж е дека додека одиме напред, остатокот од арапскиот свет и регионот, исто така, вршат притисок врз сите страни да го забават ова, да се стави крај на ова што побрзо“, додаде тој.

Видете и ова:

Катар соопшти дека 39 жени и деца се ослободени од израелските затвори

Борците на Хамас ослободија 24 заложници во петокот за време на првиот ден од примирјето на војната, меѓу кои 13 израелски жени и деца, 10 тајландски работници на фарма и еден Филипинец. До ова дојде откако денеска старуваше четиридневниот прекин на огнот во Појасот Газа за прв пат во седум недели.

Заложниците беа префрлени надвор од Газа и предадени на египетските власти на граничниот премин Рафах, придружувани од осум членови на персоналот на Меѓународниот комитет на Црвениот крст (МКЦК) во конвој со четири автомобили, соопшти МКЦК.