Литванската премиерка во посета на Киев

Архивска фотографија, посета на литванската премиерка на Украина

Литванската премиерка Ингрида Симонит пристигна во Киев на 24 ноември на разговори со украинското раководство бидејќи снабдувањето со електрична енергија во земјата беше отежнато од руските удари и лошите временски услови.

„На мојата прва станица во Киев денес, им оддадов почит на мажите и жените кои ги жртвуваа своите животи бранејќи ги најфундаменталните права на една нација: да постојат и да живеат во слобода“, напиша Симоните на социјалната платформа „Х“, порано позната како Твитер.

Таа објави и фотографија на која полага венец на споменикот посветен на загинатите Украинци бранејќи ја својата земја од неиспровоцираната и незаконска инвазија на Русија.

„Тие ги дадоа своите животи за да не бранат сите нас. Единствениот начин да се постигне траен и праведен мир е да и се помогне на Украина да победи што е можно поскоро, да го врати својот целосен територијален интегритет, да и служи на меѓународната правда и да се обнови,“ додаде таа.

Литванските медиуми на 23 ноември објавија дека Симонит ќе помине четири дена во Украина, без да ја соопштат нејзината агенда.

Видете и ова: Русија ќе воведе високи казни за дистрибуција на странски материјали без соодветната ознака


Во меѓувреме, руските гранатирања и напади со беспилотни летала врз цивилна и енергетска инфраструктура продолжија на 24 ноември, соопштија регионалните власти и војската.

Русија употреби три беспилотни летала од иранско производство и две наведувани ракети Кх-59 за да нападне цели во Украина во текот на ноќта, соопшти воздушната одбрана, додавајќи дека сите беспилотни летала се соборени. Не се наведени детали за областите на кои биле насочени нападите.

Во западниот регион локалните власти соопштија дека воздушната одбрана отворила оган против руски беспилотни летала и дека нема извештаи за жртви или штети.

Руското гранатирање уништи детска библиотека во градот Херсон рано на 24 ноември, но нема жртви, изјави регионалниот гувернер Олександар Прокудин на Телеграм.

"Детска библиотека. Шест наутро. Директен удар од проектил. Варварите ја уништија библиотеката во Херсон, која со години ги воодушевуваше најмладите посетители и нивните родители", напишал Прокудин.

Руските сили постојано го гаѓаа Херсон од другата страна на реката Дњепар, откако тие се повлекоа од градот пред една година поради напредувањето на украинските сили.

Во меѓувреме, руските напади и сè полошото време оставиле 635 населени места без струја низ Украина. Силните ветрови оставија 158 населени места без струја во регионите Лавов, Волин и Ивано-Франковск. Во јужниот регион Дњепропетровск речиси 46.000 луѓе останаа привремено без струја поради технички причини, соопштија локалните власти.