Русија треба да воведе закон што ќе наметне казни до 500 000 рубли (5 660 долари) на трети страни кои „намерно или ненамерно“ промовираат или дистрибуираат материјали произведени од субјекти „странски агенти“ без соодветно да ги етикетираат, изјави заменик-министерот за правда Олег Свириденко.
Свириденко за ТАСС изјави дека рускиот министер за правда Константин Чујченко ќе ја потпише соодветната наредба на крајот на месецот, а потоа ќе биде издаден владин декрет, по што руските власти ќе почнат да издаваат казни.
Тој рече дека казните ќе важат за „библиотеки, книги, универзитети, телевизија“, но и за „обичните луѓе кои намерно или ненамерно помагаат или на некој начин поддржуваат странски агенти“.
Според сегашното законодавство, таканареченото помагање на „странски агент“ веќе се казнува со парична казна до 500 000 рубли за правни лица и до 50 000 рубли за граѓаните, но не се споменува дали ширењето на материјалите се сметаат за помагање.
Според законот за „странски агенти“ воведен во Русија во 2012 година, властите можат да ги прогласат непрофитните организации како „странски агенти“ доколку добиваат средства од странство и се занимаваат со политички активности.
Видете и ова: Русија официјално ја обвини новинарката на РСЕ за кршење на Законот за „странски агенти“Потоа, законот дозволи означување на медиумите и индивидуалните новинари како „странски агенти“, вклучувајќи ги и оние кои не добиваат странско финансирање, но се „под странско влијание“, и бара од нив да ги означат сите нивни материјали како произведени од „странски агент“.
Повеќе од 30 вработени во РСЕ се наведени како „странски агенти“ од Министерството за правда во нивно лично својство.
Потегот што го најави Свириденко ќе ги прошири истите барања и на трети страни.
Свириденко ја наведе како хипотетички пример ситуацијата кога ТВ канал ќе емитува емисија со учество на „Господин Галкин“ (референца за сопругот на пејачката Ала Пугачева, кој беше прогласен за странски агент откако ја напушти Русија во знак на протест поради инвазијата на Украина), без да се открие дека Галкин е „странски агент“.
Таквото прекршување, посочи тој, ќе резултира со тоа што Министерството за правда ќе испрати предупредувања, „а ако нема одговор во рок од еден месец, тогаш прво ќе се изрече казна од 300 000 - 500 000 рубли. Потоа ситуацијата може да се развие понатаму“, рече Свириденко.