Мицкоски: Подготвени сме да се избрише постоењето на техничка влада

Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ (Илустративна фотографија)

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во своето гостување во емисијата „Само интервју“ на Канал 5 телевизиј, истакна дека тој повеќе не гледа потреба од техничка влада, односно дека неговата партија е подготвена да се интервенира во Изборниот законик во тој дел.

„Можеби делува чудно како сега како тоа јас од позиција на опозиција во очи на избори го говорам. Но, верувајте јас ова го говорам најискрено и ценам дека треба заедно со политичките партии од власта и со останатите парламентарни партии да интервенираме во Изборниот законик и да го избришеме оној дел од техничката влада, и практично од овој момент па натаму да имаме влада со политички легитимитет“, изјави Мицкоски.

Опозицискиот лидер вели дека во овој момент за него како граѓанин би било „понижувачки“, ДУИ да добие технички премиер, бидејќи вели дека станува збор за партија која „постојано е во центарот на скандалите“.

Видете и ова: СДСМ, ДУИ и Алијанса на три ума за една предизборна листа

Тој нагласи и дека идејата за бришење на техничка влада не се однесува само за сега, туку и за во иднина.

„Не само на овие избори, туку и на сите наредни избори и тоа е влада која што ќе може со политички легитимитет да ги води процесите, бидејќи ќе повторам во техничката влада има повеќе опструкции, отколку нешто кое што може да додаде вредност во процесот. Од друга страна понижувачки за мене е да гледам како партија во парламентот која што е очигледно во последно време во епицентарот на многу криминални и коруптивни скандали да номинира прв човек на таа позиција“, нагласи Мицкоски.

Тој прогнозира дека на следните избори ќе победи неговата партија и ќе освои 61 пратеничко место.