Зголемен бројот на предвремено родени бебиња во Појасот Газа по почетокот на војната

Предвремено родено бебе кое беше евакуирано од инкубатор во болницата Ал Шифа во градот Газа се храни додека се лекува во болница во Рафах, во јужниот дел на Појасот Газа, 19 ноември 2023 година.

Бројот на предвремени породувања се зголеми за речиси една третина по последната израелска операција во Газа во текот на изминатиот месец, бидејќи мајките трпат зголемен стрес и траума, објави во четвртокот британската хуманитарна организација „Оксфам“.

Десетици предвремено родени бебиња се најдоа на насловните страници оваа недела кога беа спасени од болница во северна Газа и префрлени во Египет откако локацијата беше под константни бомбардирања.

Северниот дел на густо населената енклава го сноси товарот од шестнеделната војна на Израел против Хамас во Газа, и ниту една од болниците во Газа не функционира нормално.

„Јузор“, партнерска организација на „Оксфам“ која поддржува стотици бремени жени во Газа, рече дека бројот на предвремени породувања се зголемил за 25 до 30 проценти во последниот месец, припишувајќи го порастот на тешкотиите со кои се соочуваат мајките кои морале да ги напуштат своите домови поради бомбардирањето, поради што претрпеле стрес и траума.

Видете и ова: Бројот на мртви во Газа расте, планирана евакуација на три болници

Предвремено родените бебиња се поподложни на болести, па од организацијата „Јузур“ соопштија и дека најмалку по едно новороденче починало во секое од тринаесетте засолништа за раселени лица во северниот дел на Газа во текот на изминатиот месец.

Дури и пред актуелниот конфликт, во Газа е забележано високо ниво на смртност кај деца, па така смртните случаи на новороденчиња сочинуваат 68 проценти од вкупните смртни случаи во Газа, според податоците Светската здравствена организација.