Пожар зафати фабрика за бои и лакови во тетовското село Фалише. Се претпоставува дека во фабриката имало околу 100 тони бои, лакови и хемикалии, вели директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов.
ЦУК препорача населението да не излегува од домовите и да ги затворат прозорците. Пожарот го гаснат пожарникари од Тетово, на кои им се приклучиле и колеги од Скопје, Гостивар, Велес и Куманово.
Препорака да не се излегува надвор стигна и од Центарот за јавно здравје Тетово. Доктор Ратко Давидовски, специјалист по хигиена и здравствена екологија вели дека загадувањето е големо. и е во радиус од 2 километри околу објектот. Ќе мора да се направат дополнителни испитувања.
„Пожарникарите се изложени на опасност и сите ние кои сме овде, без потреба тука да не бидеме на ова место. И во радиус од 2 километри околу објектот, без потреба да не излегува населението. Ќе се изврши испитување на водата, почвата...“, вели докторот.
Директорот Ангелов, побарал и помош од гостиварски приватни фирми коишто можат да помогнат со машинерија за расчистување на материјалите што се во магацинот, а не се фатени од пожарот.
Во гаснењето на пожарот требало да се вклучи и хеликоптер од МВР, но густата магла во Тетово не дозволува гасење на пожар од воздух во овој момент.
Ангелов побарал на терен да излезат и од Министерството за животна средина и со мобилна станица да го измерат квалитетот на воздухот, но од Министерството добил одговор дека немаат таква станица.
Директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов во село Фалише, Тетово, каде гори фабрика за бои и лакови.