Израелскиот министер очекува враќање на заложниците од четврток

Фотографии на некои од заложниците на Хамас на ѕидот во Тел Авив, 21 ноември 2023 година

Процесот на враќање на заложниците од Газа се очекува да започне утре, изјави израелскиот министер за надворешни работи, Ели Коен.

Педесет заложници треба да бидат ослободени за време на четиридневниот прекин на огнот според договорот што Хамас и Израел го постигнаа во раните утрински часови на 22 ноември.

Коен рече дека првата група заложници треба да биде ослободена утре, но не кажа колку ќе бидат ослободени.

Тој, исто така, одби да ги потврди извештаите дека процесот ќе започне во 5 часот наутро, или (6 часот по средноевропско време).

Видете и ова:

Во очекување на четиридневниот прекин на огнот, Израел продолжува со воените операции во Појасот Газа

Во замена за заложниците, Израел се согласи да ослободи 150 Палестинки и лица помлади од 19 години кои се наоѓаат во израелските затвори.

Во меѓувреме арапскиот портпарол на израелските одбранбени сили Авичај Адраи изјави дека во среда (22 ноември)се спроведува „привремено тактичко прекинување“ на борбите во две области во Кан Јунис - град на југот на Газа.

Во последните недели, Израел најави редовни „мини паузи“ во борбите. Но, четиридневната пауза, потврдена преку ноќ, ќе биде прва целосна пауза во борбите низ Појасот Газа од 7 октомври.