Врховниот суд во Пакистан одобри кауција за поранешниот премиер Кан

Поранешниот пакистански премиер Имран Кан

Врховниот суд на Пакистан денеска го прифати барањето за кауција од притворениот поранешен премиер Имран Кан, изјави неговиот адвокат Наем Панџута, еден ден откако друг суд го прогласи за незаконско судењето на поранешниот премиер под обвинение за оддавање државни тајни во текот на премиерскиот мандат од 2018 до 2022 година.

Кан беше осуден на три години затвор на 5 август годинава.

„Одлуката ќе биде донесена на следното рочиште откако ќе се разгледаат аргументите од двете страни, изјави Панџута во објава на социјалната мрежа „Икс“.

Не е одреден датум за рочиште, вели тој, додавајќи дека Врховниот суд ќе побара мислење од Владата за пријавата.

Седумдесетгодишниот поранешен играч на крикет, кој стана политичар е обвинет за злоупотреба на премиерската функција за купување и продавање на државни подароци добиени за време на странски посети во вредност од повеќе од 140 милиони пакистански рупии (635 000 долари).

Видете и ова: Судот во Пакистан нареди повторно судење на експремиерот Кан

По пресудата, судијата нареди негово итно апсење, а неговиот адвокат Интазар Хусаин за Ројтерс изјави дека поранешниот премиер бил приведен од неговиот дом во Лахоре.

Премиерот беше уапсен на почетокот на мај годинава, многу драматично и без никакво претходно објаснување. Против него се поднесени најмалку 100 кривични предмети од државни служби, но тој ги негира сите.

Тој беше разрешен кога му беше изгласана недоверба во април 2022 година. Тој е седмиот премиер кој е уапсен од 1977 година.

Пакистан има историја на воени преземања, политички превирања и социјални немири. Сегашните превирања доаѓаат во време кога земјата се бори со тешка економска ситуација, пораст на милитаризмот и влијанието на минатогодишните катастрофални поплави.