Советот на министри го одобри влезот на Палестинците во БиХ

Израел/Газа

Советот на министри на Босна и Херцеговина на 19 ноември едногласно донесе „Одлука за давање влез во Босна и Херцеговина под посебни услови на државјани на Палестина кои се роднини на државјани на Босна и Херцеговина“, се вели во соопштението на оваа институција.

Во соопштението за медиумите се наведува дека на овој начин во Босна и Херцеговина можеле да влезат 30 лица роднини на државјани на БиХ, кои заедно со државјани на БиХ беа евакуирани од Појасот Газа.

„Министерството за надворешни работи на Босна и Херцеговина ќе достави до Граничната полиција на Босна и Херцеговина список од 30 лица, кој покрај личните податоци содржи и информации за сродство со државјани на Босна и Херцеговина. Влезот е овозможен преку граничниот премин „Меѓународен аеродром Сараево““, се наведува во соопштението.

Претходно беше соопштено дека државата Катар обезбедила авион за граѓаните на Босна и Херцеговина и нивните роднини, кои беа успешно евакуирани од Појасот Газа, и ќе ги сноси трошоците за нивниот престој во Египет и превоз до Босна и Херцеговина.

Видете и ова:

Повеќето пациенти, персонал и раселените од болницата Шифа си заминуваат додека Израел ги напаѓа северот и југот на Газа

Како што напиша РСЕ, оваа одлука не е донесена претходниот ден бидејќи немало кворум, односно немало министри од еден од трите конститутивни народи.

Инаку, граѓаните на Босна и Херцеговина и нивните роднини кои успеаја да го преминат граничниот премин Рафах и да излезат од Газа се наоѓаат во главниот град на Египет, Каиро.

Министерот за надворешни работи на БиХ, Елмедин Конаковиќ, на 18 ноември на Фејсбук напиша дека БиХ успеала да ги евакуира сите свои граѓани од Газа.

Хамас, група означена како терористичка организација од Соединетите Американски Држави и Европската Унија, го нападна Израел на 7 октомври. Во нападот загинаа 1.200 луѓе, а 200 беа земени како заложници.

Израел возврати со блокада на Појасот Газа и напади во кои загинаа повеќе од 12.000 луѓе, според Министерството за здравство на Газа под контрола на Хамас.