ЕУ ја дели оценката на Зеленски за влијанието на Русија врз Западен Балкан

Илустративна фотографија.

Официјални лица на Европската унија (ЕУ) потврдија дека ја делат загриженоста на претседателот на Украина Володимир Зеленски за негативното влијание на Русија врз регионот на Западен Балкан.

„Имаме информации и ги следиме овие активности на Русија веќе некое време, така што ја имаме целосната слика и свесни сме што Русија се обидува да направи. Ние работиме многу тесно со нашите партнери од Западен Балкан за да ги обучиме да се справат со тоа“, рече портпаролот на ЕУ, Петер Стано, на прес-конференцијата.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски на 15 ноември рече дека светот треба да посвети поголемо внимание на Балканот, бидејќи има извештаи дека Русија „ќе се погрижи една балканска земја да влезе во војна со друга“ за да го одвлече вниманието од Украина.

Видете и ова: Зеленски: Украина очекува „историски заклучок“ за членство во ЕУ

Стано изјави дека веќе извесно време Брисел зборува дека Русија се обидува да го спроведе своето малигно влијание на територијата на Западен Балкан.

„Знаеме дека Русија прави се што може за да сее незадоволство, политичка нестабилност, странско мешање, манипулација со информации и затоа ја зголемуваме нашата соработка и помош за нашите партнери од Западен Балкан кога станува збор за зајакнување на капацитетите и способност за соочување со оваа форма на хибридни закани и надворешно влијание“, рече Стано.

Тој потврди дека руското влијание било една од темите на разговор на состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ со нивните колеги од Западен Балкан.

Стано подвлече дека не ги коментираат деталите од разговорите што претставниците на ЕУ ги водат со партнерите од регионот, но повтори дека „ја делат оценката“ на украинскиот претседател.