Усвоен предлог-буџетот за 2024 година, ќе изнесува 5,5 милијарди евра

Влада на Република Северна Македонија (Илустративна фотографија)

Предлог-буџетот за 2024 година денеска помина на владина седница, а е проектиран на 5,5 милијарди евра. Владата го карактеризираше како „развоен и одржлив“, но и буџет кој ги има сите карактеристики за „истовремено да го поддржи развојот, но и да ја обезбеди фискалната одржливост“.

Расходната страна е проектирана на 343,6 милјарди денари или за 5,8 проценти е повисока во однос на 2023 година, а приходите на 310,1 милјарда денари се повисоки за 10 проценти. Буџетскиот дефицит е за околу 9,2 милјарди денари понизок во однос на 2023 година што, според Владата, ќе значи помало задолжување за околу 150 милиони евра.

Предлог-Буџетот за 2024 година, како што рече премиерот Димитар Ковачевски на денешната прес-конференција, претставува одговор на потребите и состојбата во која се наоѓа македонската економија.

Видете и ова: НБРМ предвидува умерен економски раст и инфлација до 9,5 отсто за 2023 година

Со него се гарантира редовна исплата на платите, пензиите и социјалната помош, како и подмирување на другите потреби на граѓаните и сервисирање на обврските на државата.

„Буџетот за 2024 година ќе биде столб на економското заздравување, а понатаму и на забрзување на растот. Тој ќе обезбеди фискална одржливост преку понатамошно спроведување на процесот на фискална консолидација. Буџетот ќе биде добра основа за зголемена и забрзана реализација на инфраструктурните проекти, привлекување на странски инвестиции, иновативност на домашните компании, поддршка на домашната економија, приватниот сектор и граѓаните, како и интензивирање на конвергенција на Република Северна Македонија кон ЕУ. Исто така, тој ќе овозможи редовно и непречено извршување на сите законски обврски, вклучително и обврските кои произлегуваат од членството во НАТО“, рече Ковачевски.

Видете и ова: Пензионерите протестираа за повисоки пензии

Министерот за финансии пак, Фатмир Бесими, во своето обраќање рече дека буџетот е изработен во извонредно тешки глобални времиња кога е тешко да се предвидат работите. Се продолжува со политиките за намалување на инфлацијата, а одржливоста на Буџетот, според Бесими, се гледа во тоа што се продолжува со намалување на буџетскиот дефицит.

Во него се проектирани средства за понатамошно покачување на платите во јавниот сектор согласно Општиот колективен договор, како и за покачување на пензиите согласно воспоставеното системско решение.