Пликови со фентанил пристигнале до членовите на избирачките одбори низ САД

илустрација

Властите во Соединетите Држави истражуваат кој испратил пликови со фентанил и други супстанции до членовите на избирачките одбори во неколку сојузни држави, што е последна во серијата закани со кои се соочуваат изборните службеници.

Вакви писма се пријавени во најмалку три држави: Џорџија, Орегон и Вашингтон, пишува АП, a пренесува Гласот на Америка.

Меѓу оние кои добија писма биле членови на одборот од округот Фултон во Џорџија, кој ја опфаќа Атланта и се смета за еден од најголемите гласачки единици во државата.

Државниот секретар Брет Рафенспрагер рече дека дози од противотров - налоксон биле испратени до избирачките места како мерка на претпазливост.

„Ова е домашен тероризам и мора да биде осуден од сите функционери и оние кои сакаат тоа да бидат“, рече републиканецот Рафенспрегер.

„Властите во округот Лејн, Орегон истражуваат кој испратил писма со сомнителни супстанци во средата. Ниту еден од членовите на одборот кои дошле во контакт со пликовите не претрпел никакви негативни здравствени ефекти“, рече портпаролката на изборната единица Лејн, Девон Ешбриџ.

Видете и ова: Трамп се изјасни за невин за обидот да ги поништи изборните резултатите во Џорџија

Официјални лица во државата Вашингтон објавија дека четири избирачки места биле евакуирани во средата поради закани, што го одложило пребројувањето на гласовите. Членовите на одборот во окрузите околу Сиетл добиле писма со сомнителни супстанции, вклучително и фентанил. Во еден случај беше откриено дека станува збор за сода бикарбона.

„Членовите на Изборниот одбор на округот Пирс, исто така, добија порака што „се однесуваше на прекинот на гласањето“, рече портпаролот на полицијата Вилијам Муз.

Државниот секретар на Вашингтон, Стив Хобс оцени дека се работи за „акти на тероризам бидејќи го загрозуваат изборниот процес“.

Министерството за правда на САД и американската поштенска служба објавија дека истражуваат што се случило.

Фентанил е дрога која е 50 пати посилна од хероинот и предизвика невиден број на смртни случаи од предозирање во САД. Сепак, се покажа дека ризикот од смрт кога дозите се ниски е многу низок.

Претседателот на Изборниот одбор на округот Фултон, Роб Питс, рече дека членовите на избирачкиот одбор во округот биле цел на закани од изборите во 2020 година, кога Доналд Трамп тврдеше дека изборите биле наместени. Дел од кривичната постапка против Трамп и 17 негови соработници во округот Фултон се заснова на закани кон членовите на изборниот штаб.

Многу избирачки одбори ширум земјата веќе презедоа дополнителни безбедносни мерки по изборните закани и измами во 2020 година.