НБРМ предвидува умерен економски раст и инфлација до 9,5 отсто за 2023 година

Анита Ангеловска-Бежоска, гувернерка на НБРМ

Умерен економски раст од 1,9 проценти, но со можност да се забрза и достигне ниво од 3 отсто доколку се подобри надворешниот амбиент. На среден рок се очекува натамошно закрепнување, односно раст од околу 4 % под услов да нема позначителни шокови. Вакви се макроекономските проекции на најновиот квартален извештај на Народната банка кои денеска ги презентираше гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска.

„Во поглед на структурата на растот, за 2023 година се очекува позитивен придонес од нето-извозот и од домашната побарувачка, а за следните две години се очекува дека растот ќе произлезе од домашната побарувачка, со најголем позитивен придонес од бруто-инвестициите поради засилената изведба на капиталните инфраструктурни проекти поврзани со изградбата на патните коридори и приватните домашни и странски инвестиции“, известуваат од Народната банка.

Во натамошниот период се очекува дополнително забавување на просечната инфлација, која за 2023 година би изнесувала околу 9,5 %.

„Според податоците објавени од Државниот завод за статистика, годишната инфлација во октомври забави сведувајќи се на 3,5 %. Притоа, со оглед на повисоките годишни стапки од почетокот на годината просечната инфлација за периодот јануари – октомври изнесува 10,7 %. Во натамошниот период се очекува дополнително забавување на просечната инфлација, која за 2023 година би изнесувала околу 9,5 %. Инфлацијата и во 2024 година значително ќе се намалува до 3,5 до 4 % во просек, а понатаму ќе се сведе на приближно 2 %“, велат од НБРМ.

Видете и ова: Инфлацијата во еврозоната падна на 2,9 отсто, но растот исчезна

Октомвриските согледувања за надворешната позиција на домашната економија се значително поповолни во однос на априлските оцени, особено кај тековната сметка како резултат на помалите увозни притисоци. За 2024 година се предвидува благо влошување на дефицитот кај тековната сметка, кој би изнесувал 2,4 % од БДП, што ќе произлезе од постепеното зголемување на трговската размена и стабилизацијата на приватните трансфери. На среден рок се очекува стабилизирање на дефицитот во тековната сметка на нивото од 2024 година, кое е блиску до претпандемичното ниво.

Се очекува дека во целиот период на проекцијата девизните резерви да се задржат на ниво што е соодветно на меѓународните стандарди за одржување на стабилноста на девизниот курс.

Клучните ризици за основното макроекономско сценарио се слични на оние од априлските проекции, при што ризиците од надворешното окружување и на краток и на среден рок и натаму се неповолни, велат од Народната банка додавајќи дека, внимателно ги следат макроекономските податоци и ризиците и како и досега ќе ги преземаат сите неопходни мерки користејќи ги сите расположливи инструменти заради одржување на стабилноста на девизниот курс и стабилизирање на инфлацијата на среден рок.