Санкции за четири правни и две физички лица најави Државниот инспекторат за животна средина во врска со отпадот кај селото Орман.
Директорот на Инспекторатот Сретен Стојковски информираше дека ќе следи и соодветна постапка за санкционирање за неколкуте сторени законски повреди, односно за загрозување на животната средина и природа со отпад.
„Иако постои меѓусебен договор меѓу Рецикл Еко-старт и сопствениците на парцелите на локација на приватен имот во Орман, несоодветно е транспортиран и складиран отпад кој потекнува од правниот субјект Рецикл Еко-старт, на локација коај не е наменета за складирање на ваков отпад, односно нема добиено дозвола од МЖСПП што е казниво по закон“, појасни Стојковски на денешната прес-конференција.
Изминатиот месец инспектор од Ѓорче Петров утврди дека на приватен плац во селото Орман биле најдени 600-тони опасен отпад од акумулатори за кој граѓаните велат дека таму стои веќе шест месеци.
Министерката за животна средина и просторно планирање Каја Шукова неодамна изјави дека згурата што е откриена во Орман се носела од Пробиштип.
И додека се создаваат нови депонии со илјадници тони опасен отпад, земјава со децении не може да ги реши депониите со историски опасен отпад кои се дефинирани како жешки точки.
Иако е започнато е чистење на депонијата со илјадници тони линдан во фабриката Охис во Скопје, се уште стојат депонии со милиони тони индустриски отпад од топилницата за олово и цинк во Велес, депониите на Бучим и Лојане, рудниците за олово и цинк Саса и Тораница, Макстил во Скопје, Злетово во Пробиштип, термоелектраните РЕК Битола и РЕК Осломеј.