На продажба уште три стана и гаража што му беа одземени на Мијалков

Сашо Мијалков пред Кривичен суд, Скопје

Агенцијата за управување со одземен имот информира дека со објавата за продажба на четири недвижности, а со претходно донесена Одлука од страна на Владата на Република Северна Македонија, продолжува враќањето на паричните средства во буџетот на државата од одземениот имот на поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков.

Станува збор, како што истакнуваат надлежните, за три стана кои што се наоѓаат на ул. „Славејко Арсов“, еден од 78м2, два од 73м2 и една гаража од 30м2 на КО Центар 2, одземени со правосилна пресуда од Основен кривичен суд Скопје.

Директорот на Агенцијата за конфискација на имот Дритон Небиу вели дека проценетата почетна вредност на овие четири станови изнесува 330 илјади евра, а од претходно продадените станови на Мијалков во Охрид во буџетот влегле 250 илјади евра.

„ Освен овие станови кои сега се на продажба, останаа околу 20 други недвижности кои не се ставени на продажба од конфискуваниот имот на Мијалков, и за истите чекаме во скоро време да заврши процедурата и да бидат ставени на оглас. Тие наскоро ќе бидат ставени како точки на дневен ред во Управниот одбор, и откако ќе гласа ќе ги проследиме до Влада. По тоа ќе чекаме од Владата зелено светло, мислам дека за многу други недвижности процедурите се завршени и дека наскоро ќе ги проследиме до Влада“, изјави Небиу.

Видете и ова: Становите на Мијалков проценети на 21,4 милиони евра

Во септември агенцијата успеа да продаде вкупно три одземени недвижности од Мијалков, согласно правосилната пресуда за случајот „Империја“. Целиот недвижен имот на поранешниот директор на Управата за контраразуавање и безбедност Сашо Мијалков е проценет на 21,4 милиони евра, покажуваат последните податоци на Агенцијата за одземен имот добиени од Бирото за судски вештачења. Станува збор за списокот од 23 станови, 2 апартмана во Панорама Резиденс и неколку градежни парцели кои по правосилноста на пресудата станаа сопственост на државата.