Руското обвинителство во средата побара осумгодишна затворска казна за уметницата Александра Скочиленко, која врз цените на производите минатата година залепи изјави во кои ја критикува воената офанзива на Москва во Украина.
Триесет и тригодишната уметница е во притвор од април минатата година, кога беше уапсена во Санкт Петербург.
„Обвинителството побара осум години“, објави независната веб-страница Медиазона на 8 ноември, цитирајќи новинар кој бил во судницата во Санкт Петербург.
Скочиленко, која е попозната по прекарот Саша, е обвинета за „ширење дезинформации за руската армија“.
Законот, кој носи максимална казна од десет години зад решетки, беше усвоен откако Москва распореди војници во Украина во февруари 2022 година и беше искористен за задушување на критиките.
Видете и ова: Руски обвинители бараат 7 години казна затвор за антивоена активисткаНа Скочиленко и се суди и покрај бројните здравствени проблеми, вклучително целијакија и вродена срцева маана. Нејзината мајка, Надежда Скочиленко, изјави за АФП минатиот месец дека „затворската казна би била катастрофа за Саша“.
Медиазона објави фотографија од Скочиленко на обвинителна клупа, облечена во шарена маица со натпис „Мир“. Страницата објави дека на сослушувањето присуствувале германски дипломати и некои културни работници.
Нејзините пораки вклучуваат описи на луѓе кои се кријат од руското бомбардирање во Мариупол, Украина, бидејќи Москва воведе забрана за критики на нејзината офанзива.
Таа била уапсена откако клиент ја пријавил во полиција.
Илјадници Руси беа приведени, затворани или казнети поради спротивставување на руската инвазија врз Украина.