Ирански инструктор по јога обвинет за „пропаганда против светоста на исламот“ почина за време на судење во Револуционерниот суд во Техеран.
Сора Аскари-Рад, која го застапуваше инструкторот Саид Кадеми, објави дека 61-годишникот починал од срцев удар. Адвокатката како причини кои довеле до тоа ги наведе интензивниот психички стрес и вознемиреноста кои нејзиниот клиент ги доживеал во судница.
Ако беше осуден, Кадеми се соочуваше со можноста да биде осуден на смртна казна според иранскиот исламски казнен законик.
Револуционерниот суд, познат по своите груби постапки против неистомислениците и активистите, адвокатката го опишува како место на страв, дури и за правните експерти.
„Дури и за мене, како адвокат, околината на Револуционерниот суд е застрашувачка, а Саид Кадеми беше навистина невин и не направи ништо лошо“, рече Аскари-Рад.
Видете и ова:
Нобеловката Мохамади штрајкува со глад во затвор во ИранТаа инсистираше на невиноста на Кадеми, велејќи дека обвиненијата против него се неосновани и дека неговите активности како инструктор по медитација и јога биле погрешно протолкувани од властите како антиисламски.
Едномесечниот притвор на Кадеми определен минатата година од страна на разузнавачката организација на Револуционерната гарда беше првиот знак за сомнителните постапувања на иранскиот режим во овој случај.
Новинската агенција за правосудство „Мизан“, иако ја потврди смртта на Кадеми, се воздржа од давање детали за неговиот идентитет или точни детали за обвиненијата со кои се соочува.
Аскари-Рад, пак, ја отфрли секоја сугестија дека Кадеми имал веќе постоечки медицински тешкотии кои би можеле да доведат до негова ненадејна смрт, истакнувајќи дека тој бил во добра здравствена состојба пред судењето.
Овој случај го сврте фокусот кон прашањето за слободата на верување и практикување на нетрадиционални духовни активности во Иран, каде што таквите активности може да се гледаат како предизвик за исламскиот естаблишмент.
Видете и ова:
ОН: Егзекуциите во Иран зголемени за 30 отстоПретходно оваа година, Иран егзекутираше двајца мажи кои беа осудени на смрт поради користење на социјалните мрежи за промовирање „атеизам и навреда на религиозните и исламските светилишта“.
„Мизан“ на 8 мај објави дека Јусеф Мехрдад и Садрола Фазели Заре биле егзекутирани, но не кажа кога точно се случил чинот на егзекуција на двајцата мажи.
Стапката на егзекуција во Иран нагло се зголемува, особено по масовните протести што ја зафатија земјата минатата година по смртта на 22-годишната Махса Амини, која почина додека беше во полициски притвор за наводно кршење на правилата за носење шамија.
Според „Амнести интернешнал“, режимот во Техеран егзекутира повеќе луѓе од која било друга земја во светот, освен Кина.
Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, во новиот извештај на 2 ноември рече дека Иран извршува егзекуции со „алармантна брзина“, при што биле убиени најмалку 419 луѓе во првите седум месеци од оваа година.