Русија распиша меѓународна потерница за членка на „Пуси Рајот“

Љусија Штеин, 2021 година

Судот во Москва распиша меѓународна потерница за Љусја Штеин членка на бендот „Пуси Рајот“, поради, како што е наведено, намерно ширење лажни информации за руските вооружени сили.

Русија од почетокот на агресијата врз Украина усвои низа закони кои предвидуваат ригорозни казни „за дискредитирање на вооружените сили или ширење лажни вести од нив“.

Агенцијата ТАСС повикувајќи се на одлуката на судот, наведува дека Штеин ќе биде уапсена веднаш штом ќе стапне во Русија.

Бендот „Пуси Рајот“ стана меѓународно познато откако неговите членки со фантомки на главата упаднаа во храм во Москва во февруари 2012 година и пееја песна против рускиот претседател Владимир Путин.

Видете и ова:

Љусја Штеин од „Пуси Рајот“ ставена на листата на барани лица во Русија

27-годишната Штеин, како и останатите членки на бендот, во Русија беа апсени повеќе пати поради учество на протести. На демонстрациите во декември 2021 година заедно со уште една членка на бендот, Марија Аљохина, Штеин стапи во штрајк со глад.

Инаку, уште во мај 2022 година таа беше ставена на листата за потери на руското Министерство за внатрешни работи поради наводно кршење на условниот отпуст.

Казната тогаш ѝ беше изречена поради кршење на безбедносните мерки за заштита од ширење на коронавирусот бидејќи ги повикуваше луѓето на протест против приведувањето на опозицискиот политичар Алексеј Навални.

Штеин, која отворена ја критикува руската агресија на Украина, ја напушти Русија во април 2022 година откако на вратата од нејзиниот стан беше испишан знакот „Z“, симбол на руската инвазија, како и порака: „Соработник. Не ја продавај татковината“.