Во говорот пред британскиот парламент кралот Чарлс ги поддржа Украина, Израел и НАТО

Британскиот крал Чарлс Трети

Британскиот крал Чарлс во своето прво обраќање во британскиот Парламент по неговото стапување на тронот, изјави дека Лондон ќе ја поддржи Украина, ќе работи на зајакнување на НАТО, но и дека одговорните „ќе ги сносат последиците од варварскиот тероризам против народот на Израел“.

Со говорот, Кралот Чарлс Трети денеска официјално ја отвори годишната седница на британскиот Парламент и го претстави законодавниот план на неговата Влада.

Кралот, кој служеше и во Кралската морнарица и во воздухопловните сили и оддаде почит на својата мајка Елизабета за нејзината служба и посветеност на нацијата, објави Би-Би-Си.

Видете и ова: Крунисувањето на Чарлс Трети историски ден за Велика Британија

„Моите министри ќе соработуваат тесно со меѓународните партнери за да ја поддржат Украина, да гo зајакнат НАТО сојузот и да ги решат најтешките безбедносни прашања. Во ова влегуваат и последиците од варварските терористички акти извршени врз израелскиот народ, потоа, обезбедувањето хуманитарна помош за Газа и поддршка и стабилност на Блискиот исток“, порача британскиот крал Чарлс во говорот пред британскиот парламент.

Ова е првиот кралски говор по повеќе од 70 години.

Говорот на кралот, што е законска регулатива, го означува почетокот на новата парламентарна година, а последен пат машки монарх го одржал во 1951 година, иако не лично бидејќи кралот Џорџ Шести бил тешко болен.