Пензионерите протестираа за повисоки пензии

Пензионерите на протест за повисоки пензии пред Влада на РСМ, Скопје, 7 ноември 2023

Повеќе од илјада пензионери од цела Македонија денеска протестираа за повисоки пензии и подобар стандард.

Прво се собраа пред Американската амбасада во Скопје, а потоа протестот го продолжија пред Владата.

Линеарно покачување на пензиите од 5000 денари и минимална пензија од 20 000 денари, како и промена на методологијата за покачување на пензиите, се главните барања на пензионерите. Тие меѓудругото, се незадоволни од септемвриското процентуално покачување од шест отсто.

Претходно ставот на министерството е дека согласно законот за пензиско и инвалидско осигурување не постои основ за линеарно усогласување на пензиите, укажувајќи дека пензиите растат преку утврдената методологија со комбиниран модел од 50 проценти раст на просечната плата и 50 проценти пораст на трошоците за живот.

Во меѓувреме, покрај денешниот протест, пензионери од повеќе градови како Прилеп, Кавадарци, Битола, Тетово, речиси секојдневно на протести во сопствените градови ги искажаа своите барања и незадоволството од висината на нивните пензии.