Американскиот државен секретар Ентони Блинкен на 5 ноември пристигна во седиштето на палестинските власти на окупираниот Западен Брег и се состана со палестинскиот претседател Махмуд Абас.
Посетата на Блинкен во Рамала не беше најавена во првичниот план за неговата дипломатска турнеја. Тој претходно на 3 ноември го посети Тел Авив, а вчера беше во посета на Аман на разговори со арапските лидери.
Видете и ова: Арапските лидери бараат прекин на огнот во Газа, Блинкен смета дека тоа ќе му користи на ХамасЗа денеска е предвидена посета на Турција.
Абас, познат и како Абу Мазен, е лидер на палестинската управа од 2005 година и ја претставува политичката партија Фатах, лут ривал на Хамас, кој раководи со Газа.
Хамас ја презеде контролата врз Појасот Газа во 2007 година, соборувајќи го движењето Фатах предводено од Махмуд Абас. Фатах моментално ги контролира само палестинските области во Западниот Брег.
Абас му рекол на американскиот државен секретар Eнтони Блинкен дека мора да има „итен прекин на огнот“ и да се дозволи хуманитарна помош да влезе во Појасот Газа, изјави за Ројтерс неговиот портпарол Набил Абу Рудеине.
Американскиот државен секретар „ја потврди посветеноста на САД да достават хуманитарна помош за спасување животи“, изјави портпаролот на американскиот Стејт департмент, Метју Милер.
Тој, исто така, јасно стави до знаење дека Палестинците „не смеат да бидат насилно раселени“, рече Милер.
Блинкен и Абас разговараа за напорите за „враќање на мирот и стабилноста“ на Западниот Брег, вклучувајќи ја и потребата да се „запре екстремистичкото насилство врз Палестинците“.
Милер рече дека Блинкен повторил дека САД остануваат „посветени на унапредување на еднакви мерки на достоинство и безбедност за Палестинците и Израелците“.
Блинкен, исто така, ја изразил посветеноста на САД да работат на „остварување на легитимните аспирации на Палестинците за формирање на палестинска држава“.
Блинкен вчера од Аман порача дека прекинот на огнот би му користело на Хамас, односно ќе му наштети на правото и обврската на Израел да ги брани своите граѓани по ненадејниот напад на Хамас на 7 октомври. По нападот Израел почна со напади на Појасот Газа.