Арапските лидери, кои ја осудуваат смртта на илјадници палестински цивили во војната меѓу Израел и Хамас, се заложија за итен прекин на огнот на 4 ноември.
Државниот секретар на Соединетите Американски Држави (САД), Eнтони Блинкен предупреди дека таквиот потег би бил контрапродуктивен и може да поттикне поголемо насилство од страна на милитантната група.
Министрите за надворешни работи на Јордан, Египет, Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати и Катар денеска во Аман, престолнината на Јордан, имаа средба со Блинкен. Ден претходно Блинкен го посети Израел. Американскиот државен секретар од утре ќе биде во дводневна посета на Турција како дел од блискоисточната турнеја во време на војната меѓу Хамас и Израел.
По разговорите со дипломати од арапските земји, Блинкен и неговите колеги од Јордан и Египет одржаа заедничка прес-конференција.
Арапските министри постојано повикуваа борбите да престанат и ја осудија воената тактика на Израел.
„Не можеме да прифатиме оправдувањето да се смета како право на самоодбрана, колективно казнување на Палестинците во Газа“, рече шефот на дипломатијата на Египет, Самех Шукех.
„Ова воопшто не може да биде легитимна самоодбрана“, додава тој.
Блинкен стои на американскиот став дека прекинот на огнот ќе му наштети на правото и обврската на Израел да ги брани своите граѓани по ненадејниот напад на Хамас на 7 октомври на јужен Израел. Тој рече дека посветеноста на администрацијата на Бајден за правото на Израел на самоодбрана останува непоколеблива.
„Сега наш став е дека прекинот на огнот едноставно ќе го остави Хамас на власт, способен да се прегрупира и да го повтори она што го направи“, рече Блинкен.
Тој рече дека САД поддржуваат „хуманитарни паузи“ во операциите на Израел за да се овозможи подобрување на протокот на помош, апел што Нетанјаху остро го отфрли претходниот ден, и зголемен транзит на странски државјани од Газа во Египет. Колегите на Блинкен од Јордан и Египет не мислат дека тоа е доволно.
Арапските власти имаат поинаков став за уште една од главните точки на агендата на Блинкен - повоената иднина на Газа. Тие велат дека прво мора да запрат убиствата и да се врати стабилната на хуманитарна помош.
„Што ќе се случи следно?" Како можеме воопшто да се забавуваме што ќе се случи следно?“, изјави јорданскиот министер за надворешни работи Ајман ал Сафади.
„Ги немаме сите променливи за да почнеме да размислуваме за тоа. Треба да ги исправиме нашите приоритети“, вели тој.
Блинкен ја призна арапската загриженост за цивилните жртви во Газа и го подвлече ризикот што војната го претставува за положбата на Израел во соседните земји со кои има дипломатски односи со децении.
Шукре и ал-Сафади рекоа дека се согласиле да продолжат да работат со Блинкен и со другите со цел да се стави крај на војната, да се врати одредено чувство на нормалност во Газа и да се даде причина на палестинскиот народ да се надева на евентуална сопствена независна држава.
Од Бејрут, високиот функционер на Хамас, Осама Хамдан, им рече на новинарите дека Блинкен „треба да ја запре агресијата и да не излегува со идеи што не можат да се спроведат“. Хамдан рече дека иднината на Газа ќе ја одлучат Палестинците и дека арапските министри за надворешни работи треба да му кажат на американскиот дипломат дека „не може да изгради арапска коалиција која е против палестинскиот народ“.
Во меѓувреме на 4 ноември во повеќе европски градови се одржаа пропалестински протести. Демонстранти се собраа во Лондон, Берлин, Париз, Анкара и Истанбул за да повикаат на прекин на огнот во Газа и да го осудат Израел откако неговата војска го засили нападот против Хамас.