Министерот за правда Кренар Лога ќе испрати писмо до претседателот Стево Пендаровски во кое ќе побара да се свика седница на Советот за безбедност. Причината, како што соопштија од неговиот кабинет, е пренатрупаноста на затворите.
„На оваа седница министерот Лога ќе побара да се разгледа состојбата во затворите во земјава и состојбата со над 2 800 осудени лица со упатен акт, кои не ја одлежуваат казната поради недостаток на простор, а кои претставуваат потенцијална опасност за целото општество како и можноста досегашните дела да им застарат со што тие ќе се охрабрат истите да ги повторат“, соопштија од Министерството за правда на 3 ноември.
Посебни писма, додаваат оттаму, Лога ќе испрати и до министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, како и до директорите на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) Зарко Милошевски и директорот на Агенцијата за разузнавање Еролд Муслиу.
Видете и ова: Пропадна обидот за амнестија по скратена постапкаВаквиот потег на министерот следува откако на 2 ноември пропадна обидот во Собранието да се донесе Закон за амнестија, кој го предложи Владата, а за чие носење се залагаше токму Лога.
Предлогот предвидуваше амнестија за „лесни кривични дела“ – целосно ослободување на осуденици кои добиле затворска казна до шест месеци, а 30 отсто намалување на казните за останатите. Исклучок беа сторителите на тешки кривични дела. Вака поставениот предлог значеше дека од 2 114 осуденици кои се наоѓаат во затворите, на слобода би излегле 286, додека делумно би се амнестирале 996. Ваквите пресметки не беа конечни бидејќи 2 813 лица чекаат да влезат во затвор и за нив ќе требаше дополнително да се прави анализа кој ќе биде амнестиран.
Меѓутоа, министерот за правда не успеа да ги убеди пратениците Предлог-законот да се донесе по скратена постапка.
На собраниската седница на 2 ноември, кога претседателот на парламентот Талат Џафери повика да се гласа дали владиниот предлог по скратена постапка да се донесе Законот, мнозинство од 66 пратеници гласаше „против“.
Глас „за“ дадоа само 17 пратеници, а тројца беа „воздржани“.
По ваквиот исход Лога најави дека ќе го поднесе законот во редовна постапка, а за гласањето „против“ од страна на пратениците рече дека гледа како на одмазда зашто тој и неговата партија Алијанса за Албанците не ги поддржаа измените на Кривичниот законик.
Советот за безбедност, кој министерот ќе бара да се донесе, е највисокото советодавно тело во Република Северна Македонија, коешто ги разгледува прашањата сврзани со безбедноста и одбраната на Републиката и дава предлози на Собранието и на Владата.
Освен претседателот на државата, Стево Пендаровски, членови се и претседателот на Собранието – Талат Џафери, премиерот – Димитар Ковачевски, како и министрите за внатрешни работи – Оливер Спасовски, за одбрана – Славјанка Петровска, за надворешни работи – Бујар Османи. Дел од Советот се и универзитетските професори Ненад Марковиќ и Ветон Љатифи.