Најмалку 32 лица загинале во пожар во центар за одвикнување од дрога во Иран

илустрација

Најмалку 32 лица загинале, а 16 биле повредени во голем пожар во центар за рехабилитација од дрога во градот Лангрод, соопшти во петокот обвинителството во северната иранска провинција Гилан.

Надлежните не соопштија што го предизвикало пожарот, но беше кажано дека нешто пред шест часот била повикана итната помош, јави Радио Фарда на РСЕ.

Се навестува и истрага за можни прекршоци од страна на операторот на центарот за рехабилитација.

Под лупа се раководителите на центрите и функционерите кои вршеле работи во тој објект, соопштија од судството.

Новинската агенција Мизан објави дека капацитетот на центарот е околу 40 лица, иако се уште не се знае колку пациенти се сместени во установата.

Видете и ова: Огромен пожар во Техеран, без жртви

Критичарите велат дека минатите инциденти ги истакнале ризиците во запоставените центри за лекување зависности во Иран.

Активистите за човекови права неодамна предупредија дека смртните казни се зголемија речиси тројно оваа година за прекршоци поврзани со дрога во систем каде судењата често се наместени против обвинетите, особено оние од маргинализираните сегменти на општеството.

Свештеничкиот естаблишмент во Иран зазема тврд став за зависноста од дрога.

Инцидентите со пожари не се ретки во Иран, главно поради непочитување на безбедносните стандарди, застарена инфраструктура и несоодветни услуги.

Во август избувна пожар во Големата чаршија во Техеран, при што беа оштетени неколку продавници, но немаше жртви. Во јануари 2017 година, во пожар во 15-катниот трговски центар „Пласко“ во Техеран загинаа најмалку 22 лица, вклучително и 16 пожарникари.