Од Путин до папата

ГЕРМАНИЈА - Рускиот претседател Владимир Путин „ќе продолжи да се обидува да ора империјален ров низ Европа, што не само што ќе ја одвои Украина од нас, туку и Молдавија, Грузија и Западен Балкан“, рече денеска (2 ноември) германската министерка за надворешни работи, Аналена Бербок.

СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА - Гласањето на законот за амнестија не треба да влијае врз односите во коалицијата со Алијанса за Албанците смета премиерот Димитар Ковачевски, откако денеска во Собранието не ја доби поддршката од пратениците да се донесе по скратена постапка.

ИЗРАЕЛ - Израел разговара со медицински агенции за поставување теренски болници во јужниот дел на Појасот Газа, каде им препорача на палестинските цивили да бараат засолниште додека се бори против Хамас на север.

КОСОВО - Околу 180 сопственици на возила со српски регистарски таблици ги пререгистрираа возилата до 12 часот денеска (2 ноември), потврди заменик-директорот на полицијата за северот на Косово, Ветон Елшани, за Радио Слободна Европа.

СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА - Со предистрагата која Управата за финансиска полиција ја отвори за Државна лотарија, покрај во акционерското друштво, инспектори од институцијата вчера влегле и во компанијата „Хеј ДООЕЛ“, каде се извршени проверки на документацијата за склучениот договор за закуп на деловни простории тежок над 2,6 милиони евра.

УКРАИНА - Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба на 2 ноември изјави дека Киев е уверен во отворањето на преговорите за членство во ЕУ оваа година, пофалувајќи ги реформите што Украина ги спроведла дури и покрај руската инвазија.

СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА - Предлогот на Владата по скратена постапка да се донесе законот за амнестија не доби поддршка од Собранието кое денеска одлучуваше за потребата од негово носење во тек на утврдување на дневниот ред на 129 седница. Предлагачот, министерот за правда, Кренар Лога, рече дека пак ќе го поднесе предлогот.

РУСИЈА - Рускиот претседател Владимир Путин во четврток (2 ноември) потпиша закон со кој се отповикува руската ратификација на Договорот за сеопфатна забрана на нуклеарни проби, се наведува во декретот објавен на веб-страницата на владата.

ИРАН / ОН - Иран извршува егзекуции со „алармантна брзина“, при што загинаа најмалку 419 луѓе во првите седум месеци од оваа година, изјави во новиот извештај генералниот секретар на Обединетите Нации (ОН), Антонио Гутереш (Фотографијата е илустрација од протест во Белгија против егзекуциите во Иран).

ВАТИКАН - Поглаварот на Римокатоличката црква рече дека за да се стави крај на војните како сегашната во Појасот Газа, потребно е решение кое како решение ќе создаде две држави Израел и Палестина и повика Ерусалим да добие специјален статус, пренесува Ројтерс.

САД - Американскиот државен секретар Ентони Блинкен следната недела ќе ги посети Јапонија, Јужна Кореја и Индија, откако ќе направи мини-турнеја на Блискиот Исток, соопшти Стејт департментот.