Израел разговара со медицински агенции за поставување теренски болници во јужниот дел на Појасот Газа, каде им препорача на палестинските цивили да бараат засолниште додека се бори против Хамас на север.
Полковникот Елад Горен од агенција на израелското Министерство за одбрана која е во контакт со Палестинците за цивилни прашања, рече дека идејата првично била да се решат општите потреби на ранетите, а подоцна потенцијално да се префрлат на поспецијализирана нега, пренесе Ројтерс.
Видете и ова: СЗО повикува на хуманитарен прекин на огнот во Газа„Во моментов, зборуваме за теренски болници кои ќе ја обезбедат основната медицинска нега потребна за воена траума“, изјави Горен за Ројтерс.
„Теренските болници може, потенцијално, да бидат опремени за да обезбедат специјализирана медицинска нега, со оглед на нивната модуларна структура, но тоа би било подоцна. Исто така, се поставува прашањето каде да се најде специјализиран персонал“, рече тој.
Речиси четиринеделното израелско бомбардирање и блокада на Газа, како одговор на нападот врз Израел од страна на Хамас на 7 октомври, во кој Израел вели дека биле убиени 1.400 негови граѓани, ги направија очајни условите во Газа.
Во израелските напади загинаа повеќе од 9.000 Палестинци во Газа, вклучително и повеќе од 3.700 деца, според информации од здравствените власти во енклавата под контрола на Хамас.