Ковачевски вели дека бугарската такса за рускиот гас ќе ја зголеми цената на струјата за 20 отсто

илустрација

Бугарската такса за рускиот гас е нешто што не треба да биде воведено, вели премиерот Димитар Ковачевски. Ваквиот став го пренел и на претседателката на Европската комисија, Урсула Фон дер Лајен која пред два дена беше во посета на Скопје.

„И јас си министерот за економија реагиравме во ЕК, јас преку претседателката на Европската комисија тој преку соодветните директорати, дека оваа такса е нешто што не треба да биде воведено. Целокупниот капацитет на влезната страна кон Северна Македонија е даден од страна на Бугарија на „Гаспром“, што значи дека ваква такса ќе предизвика зголемување на цената на електричната енергија и затоплување кај нас до 20 проценти. Затоа побаравме да се ослободи капацитет, за да може Северна Македонија да набавува гас од други извори за гас кој нема да биде руски и нема да биде дополнително оптоварен со оваа такса“, рече премиерот Ковачевски.

Видете и ова: Дали бугарскиот данок на рускиот гас ќе ги зголеми цените - сите чекаат одговор од ЕУ

Тој извести дека во моментов се водат разговори и на ниво на Европска Унија и со Бугарија со соодветното министерство за да се ослободи капацитети за Македонија. Ковачевски потсети дека минатата година во преговори, исто така со Европската комисија и Бугарија, успеале да ослободат капацитет за набавка на гас кој не е исклучиво во сопственост на „Гаспром“ и се надева дек и оваа година ќе успеат да се договорат.

Инаку Бугарија воведе нов данок за увоз и пренос на рускиот гас преку гасоводот Турски тек, на кој остро реагираа Србија и Унгарија.

Гасот кој доаѓа во Северна Македонија главно го троши индустријата и трите постројки на компанијата за производство на електрична и топлинска енергија ТЕ-ТО, додека учеството на домаќинствата речиси е незначително во вкупната потрошувачка заради ограниченото ширење на дистрибутивната мрежа.