Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) донесе одлуки со кои крајната цена за испорачаната топлинска енергија на потрошувачите снабдувани од ЕСМ од бараното зголемување на цената од над 50 %, одобри 4,51 проценти.
Тоа на сметка од 1000 денари значи зголемување од 45 денари, поконкретно на една просечна сметка од 1800 денари во Скопје, зголемувањето е 80 денари, објасни Марко Бислимоски, претседател на Регулаторна комисија за енергетика.
„Со овие одлуки цената за граѓаните останува во опсег стабилна, а трите компании на ЕСМ за снабдување, дистрибуција и производство на топлинска енергија се практично приморани што побрзо да го стават во функција топловодот Беласица за системот да работи економично и во целост да ја користи топлинската енергија од ТЕТО. РКЕ со денешните одлуки, водејќи се од интересот на потрошувачите поставува финансиска рамка и праќа сигнал за максимално економично работење на ќерките фирми на ЕСМ. Со работата на ТЕТО и функционирањето на топловодот Беласица просечна сметка за топлинска енергија изнесува 1 800 денари, без работа на ТЕТО 2 800 денари, што е разлика во цена од 60 %“, изјави Бислимоски.
Видете и ова: Топли ѕидови за пониски сметки за струја
Вкупно 64 000 домаќинства се снабдуваат со топлинска енергија.
Со првичните пресметки кои компаниите ги доставија до РКЕ, дел до нив побараа над 50 отсто зголемување на цената на греењето. Но, поради тоа што одлуката не се донесе до крајот на јули како што се прави вообичаено, РКЕ деновиве побара нови пресметки од фирмите.