Москва ќе конфискува пари на ЕУ, ако Брисел „украде“ од руските замрзнати пари

Илустративна фотографија

Русија ќе ги конфискува имотите што им припаѓаат на граѓани од државите на Европската унија за кои смета дека се непријателски, доколку блокот „украде“ замрзнати руски средства во обид да ја финансира Украина. Ова го изјави на 29 октомври еден од првите луѓе на рускиот претседател Владимир Путин, Вјачеслав Володин, претседател на руската Дума.

Претходно, претседателката на Европската комисија,Урсула фон дер Лајен, во петокот изјави дека извршната власт на ЕУ работи на предлог за здружување на дел од профитот добиен од замрзнатите руски државни средства за да и помогне на Украина и нејзината повоена реконструкција.

Видете и ова: Преговори за мировниот план на Украина во Малта

Володин изјави дека Москва ќе возврати на начин што би бил поскап за блокот доколку ЕУ се придвижи кон руските средства, од кои многу се чуваат во Белгија.

„Голем број европски политичари, предводени од претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, повторно почнаа да зборуваат за кражба на замрзнатите средства на нашата земја со цел да се продолжи милитаризацијата на Киев“, напиша Володин на социјалната платформа Телеграм.

„Ваквата одлука ќе бара симетричен одговор од Руската Федерација. Во тој случај, ќе бидат конфискувани многу повеќе средства што им припаѓаат на непријателските земји отколку нашите замрзнати средства во Европа“, рече тој.

Фон дер Лајен во петокот рече дека вредноста на замрзнатите руски средства е 211 милијарди евра (223,15 милијарди долари) и потсети дека блокот одлучил Русија да плати за обновата на Украина.