Фон дер Лајен пристигнува попладне во Скопје

Архивска фотографија од последната посета на претседателката на Европската Комисија Урсула Фон ден Лајен во македонското Собрание

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен на 29 октомври пристигнува во официјална посета на Скопје, од каде ја започнува четиридневната турнеја низ Западен Балкан.

Според најавата на делегацијата на ЕУ во земјава Фон дер Лајен денеска ќе се сретне со претседателот на државата Стево Пендаровски, додека утре ќе има средба со премиерот Димитар Ковачевски.

Видете и ова: Кристофер Хил за РСЕ: Прерано е да се каже дека дијалогот меѓу Србија и Косово е неуспешен

Фон дер Лајен од Скопје, ќе отпатува за Приштина, а потоа ќе ги посети Подгорица, Белград и Сараево. Посетата, како што е најавено, Фон дер Лајен ќе ја искористи да разговара за билатералната соработка со регионалните лидери и за подетално да им го претстави Планот за раст на ЕУ за Западен Балкан.

Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ вели дека Фон дел Лајен доаѓа во Скопје за да разговара за потребните и неопходните реформи и за дополнителните средства што треба да ги добие земјава како помош од ЕУ и мотивација за реформите, како и за обврски што ни преостануваат.

Според Маричиќ, се очекува таа да ги најави извештаите на ЕК за напредокот на земјите кандидати за членство во ЕУ, чие објавување е предвидено за 8 ноември, како и да ги презентира основните црти на Планот за раст на Западниот Балкан, што би требало да биде објавен до крајот на оваа година.