Преговори за мировниот план на Украина во Малта

Илустрација, архивска фотографија

Тешките борби продолжија во источна Украина на денот кога претставниците на десетици земји се состанаа во Малта за да разговараат за мировните предлози што ги започна Украина.

Советници за национална безбедност од околу 65 земји се собраа на 28 октомври во Малта на состанок организиран од Украина. Ова е трет таков состанок годинава, но Русија не е вклучена.

Мировниот план од 10 точки, предложен од украинскиот претседател Володимир Зеленски, вклучува повици за обновување на територијалниот интегритет на Украина, повлекување на руските трупи, заштита на снабдувањето со храна и енергија, нуклеарна безбедност и ослободување на сите затвореници.

Состанокот се одржува зад затворени врати, а официјалните лица рекоа дека се надеваат дека тоа ќе доведе до договор за одржување на глобален мировен самит подоцна оваа година.

Москва минатата недела ја критикуваше Малта за одлуката да биде домаќин на настанот, опишувајќи го како антируски настан кој би бил контрапродуктивен.

Видете и ова: Германија испорачува напреден систем за воздушна одбрана на Украина



Министерот за надворешни работи на Малта рече дека земјата ќе продолжи да ја покажува својата поддршка за напорите за обновување на територијалниот интегритет на Украина.

Во меѓувреме, продолжија тешки борби околу градот Авдијевка во источна Украина.

Британската разузнавачка служба соопшти дека Москва најверојатно „досега претрпела некои од највисоките стапки на жртви во Русија во 2023 година“.