Папата Франциск денеска (27 октомври) нареди повторно да се отвори истрага за језуитскиот свештеник Марко Иван Рупник, обвинет за сексуално, психичко и духовно злоставување жени, соопшти Ватикан.
Соопштението претставува голем пресврт за Светата Столица и дојде по негодувањето од жртвите и нивните правни застапници поради постапувањето во случајот.
Во соопштението од Ватикан се наведува дека комисијата за превенција од злоставување воочила „сериозни проблеми“ во начинот на кој бил воден тој случај, посебно во „недостаток на контакт со жртвите“.
Оваа терминологија е значајна бидејќи црквените власти претходно одбиваа да ги наречат „жртви“ жените кои го обвинуваа Рупник.
Видете и ова: Шпанска католичка црква: 728 наши членови сексуално злоставиле 927 малолетнициПапата побара од службата за доктрина на верата „повторно да го разгледа случајот и да го укине застарувањето за да се овозможи процесот“, пишува во соопштението од Ватикан.
Ватикан го екскомуницираше словенечкиот свештеник Рупник во мај 2020 година поради наводи за можно злоставување жени. Језуитскиот ред го исфрли Рупник од своите редови летово, откако неколку возрасни жени го обвинија свештеникот за сексуално, психичко и духовно злоставување.
Откако спроведоа сопствена истрага, језуитите кажаа дека сметаат оти тврдењата на жените се „многу веродостојни“. Но, наведоа дека канонските прописи на Ватикан, кои биле на сила во време на наводното злоставување, спречуваат поостри казни за стари случаи кои вклучуваат злоставување на возрасни лица.
Видете и ова: Папата го ажурираше законот за одговорност за прикривање на сексуална злоупотребаРупник во Католичката црква е добро познат по својата уметничка работа. Меѓу останатите работи, раководел со обновата на капелата на ватиканската Апостолска палата во времето на понтификтот Иван Павле Втори во 1999 година.
Во декември 2022 година, поранешна чесна сестра во интервју за италијанскиот весник „Домани“ ги опиша начините на кои, како што рече, Рупник користел „психо-духовна контрола“ над неа за да ја примори на сексуални односи. Таа посочи дека Рупник злоставувал околу 20 нејзини колешки и наведе дека нејзините укажувања се игнорирани.