Рашковски дал гаранција од 192.000 евра за да му се укине куќниот притвор

Драги рашковски, поранешен генерален секретар на Владата, по судење за случајот „Софтвери“

На поранешниот Генерален секретар на Владата, Драги Рашковски, му се укинува мерката куќен притвор откако тој достави гаранција во вредност од 11.868.762 денари (околу 192.000 евра) во недвижен имот, соопштија од Кривичниот суд.

„Кривичниот совет на Одделението за организиран криминал и корупција постапувајќи по предлог за укинување на мерката - куќен притвор за осудениот Д.Р, донесе решение со кое мерката куќен притвор се укинува со определена гаранција во вредност од 11.868.762 денари во недвижен имот“, соопштија од судот.

Видете и ова: Зеќири сведочеше против Рашковски за случајот „Софтвери“

На ова решение, Обвинителството може да се жали.

„Станува збор за неправосилно решение за кое по добиена жалба на надлежниот обвинител и комплетирање на предметот во законски утврдениот рок, ќе биде доставен на надлежно постапување во второстепениот суд“, прецизираат од Кривичниот суд.

Видете и ова: Продолжи судењето за случајот „Софтвери“

Рашковски беше во куќен притвор од јули ова лето, откако беше прогласен за виновен за кривичните дела „злоупотреба на службена положба и овластување“ и „перење пари и други приноси од казниво дело“ во предметот наречен „Софтвери“ и беше осуден на осум години затвор.

И оваа пресуда е неправосилна.

Случајот „Софтвери“ се поврзува со тендери реализирани од Генералниот секретаријат на Владата во период кога Рашковски беше прв човек на секретаријатот. Обвинението посочуваше четири набавки како што се систем за биометриска идентификација, софтвер за определување на просечна брзина на возила во сообраќајот и изрекување на казни, камери за препознавање регистарски таблички за возила, метални кабини за потребите на системот за биометриска идентификација и систем за автоматско препознавање на регистарски таблички.

Обвинението опфаќаше и исплата на хонорари на луѓе ангажирани од Рашковски, а дел од парите завршувале кај него.