Во повторена постапка Главаш пак осуден за воени злосторства во Осиек

Бранимир Главаш

Жупанискиот суд во Загреб, во повтореното судење, го прогласи Бранимир Главаш повторно за виновен за воени злосторства над српските цивили во Осиек за време на Татковинската војна во 1990-тите.

Главаш со неправосилна пресуда е осуден на седум години затвор, една година помалку од првото судење за ова дело, за кое веќе одлежал поголем дел од претходната казна.

Станува збор за неправосилна пресуда на повторното судење на Бранимир Главаш и неговите сообвинети за воени злосторства врз Србите од Осиек во 1991 година во случаите „Гаража“ и „Селотојп“, јавуваат хрватските медиуми.

Заедно со овој поранешен политичар кој прво беше во Хрватската демократска заедница (ХДЗ), а потоа основаше своја партија, безусловни затворски казни добија и другите обвинети Гордана Гетош-Магдиќ, поранешен командант на вод на специјалната единица за диверзантско-извидувачки цели на Оперативната зона Осиек, која е осудена на четири години затвор, додека членовите на тој вод, Дино Контиќ и Здравко Драгиќ, се осудени на по три години.

Во раните 2000-ти, Бранимир Главаш беше обвинет за воени злосторства извршени во есента и зимата од 1991 до 1992 година.

Тој беше обвинет за командна одговорност за незаконското апсење, тортура и убиство на седуммина претежно српски цивили чии тела со врзани раце зад грб со селотејп трака беа пронајдени во Драва - ова е случајот „Селотојп“.

Во вториот случај, тој беше обвинет дека не спречил тортура и убиство на еден српски цивил и тортура на друг, а тортурата вклучувала, меѓу другото, принудување да пие киселина од акумулатор - тој случај е наречен „Гаража“.

Видете и ова: Хрватскиот претседател „му ги врати“ ордените и чинот на Главаш

Заедничкото судење за двата случаи започна во 2005 година, а во 2008 година тој беше прогласен за виновен и осуден на десет години затвор. По жалбената постапка Врховниот суд на Хрватска му ја намали казната на осум години затвор.

Пред изрекувањето на пресудата, Главаш побегнал во Босна и Херцеговина, каде двојното државјанство го заштитило од екстрадиција во Хрватска, а во Мостар одлежал нешто повеќе од пет години затвор.

На крајот на мај 2021 година, хрватскиот претседател и врховен командант на вооружените сили, Зоран Милановиќ, на Главаш му ги врати одликувањата и чинот резервен генерал-мајор, кои во 2010 година му беа одземени од тогашниот претседател Иво Јосиповиќ по правосилна пресуда, што предизвика негодување кај дел од хрватската јавност.