Лотарија, сексизам и ЕУ надежи

СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА - Има ли случаи на сексуални малтретирања во Армијата на Северна Македонија, беше едно од прашањата кои се покренаа на денешната седница за пратенички прашања во Собранието. Обвинувањата за вакви појави од собраниската говорница ги изнесе пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Драган Ковачки, додека министерката за одбрана Славјанка Петровска не споделувајќи детали рече дека сè што имала за кој било случај, го дала и кажала пред надлежната служба во Министерството за одбрана.

СРБИЈА / КОСОВО - Премиерот на Косово Албин Курти и српскиот претседател Александар Вучиќ на 26 октомври во Брисел имаа одделни состаноци со лидерите на Германија, Франција и Италија во рамки на напорите да се обнови дијалогот меѓу Приштина и Белград по нападот во Бањска на северот на Косово. Владата на Косово соопшти дека Курти повторил дека е подготвен да го потпише Основниот договор за нормализација на односите со Србија, но оти другата страна не сака

РУСИЈА - На 26 октомври, Рускиот истражен комитет го прецизираше обвинението против новинарката на Радио Слободна Европа (РСЕ) Алса Курмашева, која издржува мерка притвор откако беше уапсена бидејќи не се регистрирала како странски агент. Истражниот комитет соопшти дека Курмашева е обвинета по дело од Кривичниот законик кој се однесува на регистрација на странски агенти кои вршат „наменско собирање информации од областа на воените и воено-техничките активности на Русија“, кои доколку бидат дадени на странски извори „може да се користат против безбедноста на земјата“, објави рускиот сервис на РСЕ.

СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА - Пораки за поддршка на евроинтеграцијата на Западен Балкан во ЕУ испрати на 26 октомври од Скопје еврокомесарката за внатрешни работи Илва Јохансон.
„Партнерите од Западен Балкан се дел од нашето европско семејство. ЕУ и понатаму ќе продолжи да го поддржува Западен Балкан на патот кон пристапување во ЕУ, ќе продолжи да помага во областа на владеење на правото, борбата против корупцијата и против организираниот криминал“, изјави Јохансон.

САД - Најмалку 18 лица се убиени во пукањето во Мејн, изјави во четвртокот, 26 октомври, гувернерката на оваа американска сојузна држава Џенет Милс.
Милс на прес-конференцијата рече дека осомничен за пукањето, во кое биле ранети и 13 лица, е Роберт Кард.

ИЗРАЕЛ - На 26 октомври 12 нови камиони влегоа во појасот Газа преку граничниот премин „Рафах“ со Египет, соопшти палестинската Црвена полумесечина. Камионите во Газа пренесоа вода, храна и медицински материјали, но и гориво бидејќи Израел ги спречуваше хуманитарните организации да внесат помош.

СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА - Обвинителството чека на Финансова полиција да постапи, а ако тоа не се случи, самото ќе отвори предмет за истражувањата на РСЕ за тендерите во Државна лотарија и закупот на деловни простории за сума од 2,6 милиони евра.

СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА - Ниту еден пенал нема платено државата на конзорциумот „Бехтел и Енка“ за изградба на делниците од Коридорите 8 и 10Д, тврди првиот вицепремиер и координатор за изградбата на коридорите 8 и 10д Артан Груби.

СЛОВАЧКА - Новиот словачки премиер, Роберт Фицо, денеска објави дека неговата земја го запира снабдувањето со оружје за Украина и ќе ја ограничи својата поддршка на „цивилна и хуманитарна помош“, пренесоа француските медиуми.

БЕЛГИЈА - НАТО целосно го поддржува суверенитетот и територијалниот интегритет на Молдавија. Ја повикуваме Русија да ги повлече своите сили од територијата на земјата, изјави генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, на средбата со молдавскиот премиер Дорин Речан, во седиштето на Алијансата во Брисел.