Јохансон: Ќе продолжиме со поддршката за пристапување на Западен Балкан во ЕУ

Во Скопје на 26 и 27 октомври се одржува министерски форум ЕУ-Западен Балкан за правда и внатрешни работи

Пораки за поддршка на евроинтеграцијата на Западен Балкан во ЕУ испрати на 26 октомври од Скопје еврокомесарката за внатрешни работи Илва Јохансон.

„На глобално ниво се наоѓаме во време полно со предизвици, ситуацијата на Средниот Исток е во преден план заедно со нелегалната инвазија на Русија врз Украина. Тоа се само два од предизвиците што се на врвот на агендите за самитот во Брисел, а партнерите од Западен Балкан се дел од нашето европско семејство. ЕУ и понатаму ќе продолжи да го поддржува Западен Балкан на патот кон пристапување во ЕУ, ќе продолжи да помага во областа на владеење на правото, борбата против корупцијата и против организираниот криминал“, изјави Јохансон.

Еврокомесарката во Скопје учествува на министерскиот форум ЕУ-Западен Балкан за правда и внатрешни работи кој се одржува на 26 и 27 октомври. По завршувањето на сесиите од областа внатрешни работи, таа одржа заедничка прес-конференција со министрите за внатрешни работи на Северна Македонија и на Шпанија, Оливер Спасовски и Фернандо Гранде-Марласка Гомез, кој дојде како претставник на шпанското претседателство со ЕУ.

На форумот посветен за внатрешни работи, претставниците на Европската Унија и министрите од регионот разговарале на три теми: миграцијата, спречувањето на трговијата со друга и борбата со тероризмот.

Видете и ова: Европските лидери разговараа со Курти и Вучиќ во Брисел

Говорниците на прес-конференцијата оценија дека соработката е клучна и оти досегашното партнерство дава резултати.

Јохансон посочи дека благодарение на имплементацијата на акцискиот план за Западен Балкан во однос на справување со мигрантскиот притисок, веќе се гледаат резултати.

„За тоа придонесоа два важни фактори. Прво подобро усогласување за визните режими согласно европските визни политики и усвојување нови договори со Фронтекс“, рече еврокомесарката.

Тука таа го потенцираше договорот со Фронтекс што точно пред една година беше потпишан со Северна Македонија, кој беше прв документ потпишан на македонски јазик. Ваков договор потоа, нагласи Јохансон, потпишале и Црна Гора и Албанија, а на 25 октомври разговарала за ревидирање на договорот и со српската премиерка Ана Брнабиќ. Наскоро најави и преговори за договор и со Босна и Херцеговина.

„Овие договори ќе овозможат дополнително ангажирање на Фронтекс во регионот што ќе овозможи поддршка за борбата против нелегалната миграција и прекуграничниот криминал заедно со граничните полиции со земјите од Западен Балкан“.

Шпанскиот министер за внатрешни работи порача дека меѓу главните приоритети е и борбата против тероризмот потенцирајќи дека најефективен одговор е оној што се заснова на соработка.

„Форумот денеска генерираше продуктивна дебата за прашања на теми за кои е потребна заедничка координација и одговор и уште повеќе во ова време на очигледна нестабилност во светот што беше испровоцирана со руската инвазија врз Украина и тековната ситуација на Средниот Исток. Поставена е јасна цел – борба против тероризмот што е наш главен приоритет во моментот. Следните чекори се оперативна соработка што е важен механизам, а тој е заедничкиот акциски план против тероризмот на Западен Балкан“, рече Марласка Гомез.

Спасовски, пак, сподели дел од резултати од досегашната соработка и борба против криминалот и порача дека Северна Македонија е подготвена да биде рамноправен партнер.

„Најголемата вредност од овие наши дискусии е градење на доверба и меѓусебно почитување како и понатамошно заедничко почитување и навремена размена на информации бидејќи нашата сила е во заедништвото, а Република Северна Македонија е подготвена активно да учествува во реализација на сите приоритети и да биде рамноправен партнер“, рече Спасовски.

Министерскиот форум ќе продолжи на 27 октомври, а ќе се дискутира за теми од областа на правдата. Поздравни обраќања, како и прес-конференција за утрешниот дел од форумот се предвидени од страна на еврокомесарот за правда Дидие Рејндерс и министрите за правда на Шпанија и на Северна Македонија, Мариа Пилар Лоп Куенка и Кренар Лога.